Меџити: Вреди ќе стане партија за 2 недели
„Вреди“ ќе биде формирана како партија за две до три недели, тврди Изет Меџити, еден од лидерите во албанската владина коалиција. Процесот на интегрирање на Демократско движење, Беса, Алтернатива и крилата на Алијанса ќе биде завршен наскоро, и покрај проблемите меѓу Азир Алиу и Арбен Фетаи, кој е легитимен претставник на Алијанса, како и несогласувањата околу тоа кој ќе претседава со новата партија.
Иако тврди дека нема избрано модел по кој ќе се раководи партијата, неофицијално токму Меџити, заедно со Касами, како лидери на најголемите субјекти во коалицијата „Вреди“, се договориле за копретседателство. Тој синоќа, по теркот на Касами, ги распушти партиските тела.
Во меѓувреме, пак, Мицкоски денеска, по 10 месеци од излегувањето на Таравари од Владата, го комплетираше владиниот состав со пополнување на испразнетите заменик-министерски позиции во одбраната и образованието.
Ова е втора кадровска промена годинава, по пополнувањето на позициите што му припаѓаа на Изет Меџити со Беким Сали и Мухамед Хоџа.
Поради внатрешните превирања во „Вреди“ и спојувањето во една партија, албанскиот владин партнер веројатно ќе има нови смени и во пролетната реконструкција на Владата. Касами побара смена на Лимани од функцијата министер за социјална политика. Неофицијално, пак, Азир Алиу ќе бара смена на вицепремиерот за добро владеење, Фетаи.
-
Катерина Нешковa
Сите содржини од овој новинар
