МЕРМС: Државните нафтени резерви се стабилни и обезбедуваат сигурност на снабдувањето за граѓаните и стопанството

Агенцијата за задолжителни нафтени резерви (МАКОРА) постојано ги следи и одржува државните резерви на нафта и нафтени деривати, обезбедувајќи сигурност на снабдувањето, стабилност на пазарот и подготвеност за навремена реакција во случај на какво било нарушување на увозот или снабдувањето, информираат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС) и додаваат дека со посебно внимание ја следат состојбата со актуелната енергетска ситуација, особено во контекст на нафтените пазари и потенцијалните геополитички ризици.
- Иако актуелните случувања во Блискиот Исток можат да предизвикаат нарушувања во снабдувањето со нафтени деривати на светско ниво, Република Северна Македонија како држава има обезбедено сигурен проток и увоз на деривати од повеќе различни извори и земји. Со оваа диверзификација на снабдувачите, комбинирано со стратешките државни резерви и функционирачкиот продуктовод Солун–Скопје, се обезбедува непречено и стабилно функционирање на пазарот на нафтени деривати. На овој начин се гарантира дека граѓаните и стопанството нема да почувствуваат недостиг, а државата останува целосно подготвена да реагира навремено доколку се појави какво било нарушување на снабдувањето, велат од МЕРМС.
Во овој момент, додаваат, државните резерви се стабилни и според расположливите информации нашата земја стои меѓу најподготвените во регионот во однос на покриеноста и сигурноста на снабдувањето.
- Како превентивна мерка, доколку утре се појави евентуален проблем на пазарот, државата располага со резерви од сите видови нафтени деривати и тоа: Еуродизел – 138.877.053 литри; Еуросупер БС-95 – 32.098.680 литри; Екстра лесно масло за домаќинство (ЕЛ-1) – 10.772.342 литри; и Мазут М-1 НС – 5.287.794 килограми, прецизираат од МЕРМС.
Покрај стратешките резерви, нагласуваат, редовната набавка на нафтени деривати се одвива повеќепати во текот на годината, а резервите се дополнуваат континуирано и соодветно, согласно динамиката на потрошувачката и законските обврски.
- Со тоа обезбедуваме стабилност, предвидливост и сигурност во снабдувањето на граѓаните и економијата. Нафтените резерви се безбедно складирани кај овластени трговски друштва – складиштари и тоа во ОКТА – Рафинерија на нафта, Макпетрол АД Скопје, Лукоил Македонија ДООЕЛ и Супер Трејд ДООЕЛ. Овие капацитети се редовно мониторирани и контролирани од страна на надлежните државни органи, со цел да се обезбеди целосна безбедност, техничка исправност на складиштата и навремена достапност на резервите доколку се појави потреба. Со ваквиот систем на надзор и контрола се гарантира сигурноста на државните резерви и стабилноста на снабдувањето, посочуваат од МЕРМС.
Како што велат, доколку се појави евентуален проблем со увозот од какви било причини – затворање на граници, прекини, штрајкови или блокади – државата има обезбедено и дополнителен сигурносен механизам.
- Во функција е продуктоводот Солун–Скопје, кој преку поврзувањето со Солун обезбедува алтернативен и непречен доток на сите видови на нафта и нафтени деривати, што значително ја зголемува стабилноста на системот и ја намалува зависноста од други транспортни правци. Истовремено, Агенцијата континуирано ја следи и дневната потрошувачка на нафтени деривати, со цел државните резерви да се одржуваат согласно законски пропишаното ниво и реалните потреби на пазарот. Системот е поставен превентивно, со повеќеслојна заштита – преку стратешки резерви, алтернативни транспортни коридори и постојан мониторинг на потрошувачката – со што се гарантира енергетска сигурност и стабилност, истакнуваат од МЕРМС.
Нагласуваат дека Агенцијата за задолжителни нафтени резерви има законска обврска да ги формира и одржува државните резерви на нафта и нафтени деривати во согласност со европската регулатива, односно со Directive 2009/119/EC, која пропишува задолжителна минимална покриеност во одреден број денови просечна потрошувачка или увоз.
- Овие државни резерви претставуваат стратешка сигурност на системот. Тие се чуваат како безбедносен механизам и не се користат во редовни пазарни услови, туку исклучиво со одлука на Владата, во случај на прогласување енергетска криза или сериозно нарушување на снабдувањето. Во моментов, увозот на нафтени деривати е целосно либерализиран и се одвива непречено, без ограничувања или застои. Како Министерство, внимателно ја следиме состојбата на меѓународните пазари, особено во контекст на актуелните геополитички случувања и воениот конфликт на Блискиот исток. Доколку се појави евентуален недостиг или прекин што би можел да го загрози снабдувањето, Владата ќе реагира навремено и соодветно, во интерес на граѓаните и стопанството, порачуваат од Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини.
МИА
Ново на Сител
-

Доминација на КБК Шампион Скопје - сила во сите генерации
-

Трамп: Предоцна е за преговори со Иран
-

Димитриеска-Кочоска: Се следи состојбата на Блискиот Исток, ако треба да преземеме нешто, ќе биде во рамки на законите
-

Рекордна масовност на 1. Национално кикбокс првенство 2026 во Скопје – 441 натпреварувач од 29 клубови
-

Тошковски за трагедијата во Карпош: Жртвата негирала насилство, а сопругот бил апсен и имал криминално досие
-

Сиљановска-Давкова - Руте: Северна Македонија игра значајна улога во заштитата на безбедноста на Западен Балкан
-

Се работи на враќање на македонски граѓани од Израел, Обединети Арапски Емирати и Катар
-

Се проширува истрагата против дваесет и петгодишниот овчар од Старо Нагоричане
