Македонија
9. November 2026 - 16:47

Мицкоски: Алта банка ќе биде спасена, следниот месец оди на аукција за продажба

Алта банка нема да оди во стечај, до почетокот на следниот месец ќе се одржи аукција за продажба. Премиерот Мицкоски најави дека банката ќе биде спасена, а опозицијата разочарана – затоа што нема да биде исполнето нивното сценарио за пропаст. Веќе течат 10-те дена во кои Народната банка треба да се подготви и да ги понуди акциите на Алта за продажба преку Македонската берза.

„Поминаа оние три дена во кои се информира регулаторот во Србија, течат оние 10 дена во кои тие треба да дадат право Народната банка преку аукција да ги оттуѓи акциите. Потоа следуваат пет дена на лиценцирање потенцијални понудувачи и очекувам кон крајот на месецот, почетокот на идниот, да биде закажана аукцијата.

Ќе ја спасиме банката. Тоа е многу важно и за доверителите, но и за луѓето коишто се во, би рекол, некаква релација со Алта банка, а тоа е лоша вест за нашата опозиција, којашто се молеше и на дневна основа водеше кампања дека банката ќе банкротира и ќе отиде во стечај и така натаму“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Опозициската СДСМ, пак, побара обвинителството веднаш да отвори истрага и да се испитаат сите околности за влезот на Алта во земјава. Најавија и кривични пријави.

„Молкот ја продлабочува недовербата и отвора сомнеж дека се штити Мицкоски. Се оставаат Мицкоски и Славески да ја заташкаат работата, да уништуваат докази, да не се дознаат сметките, трансакциите од Алта банка. Нека не чека Савески повик од Мицкоски. Нека му ги одбива повиците и нека постапува. Обвинителството има обврска кон граѓаните.

Бараме веднаш да се испитаат сите околности за влезот на Алта банка во Македонија. Улогата на Мицкоски. Постапувањето на Славески. Предлогот на Кочоска. Владините заклучоци. Потеклото и текот на парите. Сите инволвирани да одговараат.

Доколку обвинителството не постапи, СДСМ најавува кривични пријави за Алта банка“, изјави Богданка Кузевска од СДСМ.

И премиерот се согласува обвинителството да отвори истрага, по што ќе се види што ќе покаже истата. Од обвинителството возвратија – не работиме по нарачка на политички партии, туку врз основа на докази.