Македонија
14. јуни 2025 - 16:37

Мицкоски: Има предлог термин за средба, да почекаме да се изјасни бугарската страна

Владата е во комуникација со канцеларијата на Европската комисија за можноста да се одржи средба на високо ниво со бугарската страна на маргините на НАТО самитот во Хаг. Премиерот Мицкоски открива дека веќе има предлог термин, но Бугарија се уште се нема изјаснето. 

„Имаме комуникација со канцеларијата на Европската комисија и вчера и денес, се уште немаме повратен одговор. Има предлог термин, така што еве да почекаме да се изјаснат од бугарската страна“ – Христијан Мицкоски, премиер 

Во Хаг требаше да оди бугарскиот претседател Румен Радев, но Софија реши да биде претставена од премиерот Жељазков.

Вчера претседателката Сиљановска Давкова рече дека иако е правило да има средба со својот колега, не ѝ е проблем да разговара и со бугарскиот премиер Жељазков. Сепак, изјави дека средбата се уште не е потврдена, бидејќи таа е иницирана од претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта.

Можноста за македонско-бугарска средба се актуелизираше минатиот месец, кога Мицкоски по средбата со високата претставничка на Европската Унија, Каја Калас, откри дека разговарале и за евентуална билатерална средба со бугарска страна на маргините на НАТО самитот во Хаг, со учество на највисоките претставници на ЕУ, НАТО и САД. 

Во меѓувреме, реориката меѓу двете земји повторно се заостри, овојпат поради гласањето за предлог-извештајот за напредокот на Македонија во Европскиот парламент, откако бугарските европратеници побараа во текстот да се вметне придавката „сегашен“ за македонскиот јазик и идентитет. Поради политички притисоци, известувачот Вајц предложи одложување на гласањето за 24 јуни – денот кога започнува и Самитот во Хаг.