Мицкоски контра Меџити - Убивањето на безбедносните сили од заседа во 2001 не може да е разумно
Убивањето од заседа на припадници на МВР и министерството за одбрана во 2001-ва, не може да биде разумно и праведно – премиерот Мицкоски контра ставовите на вицепремиерот Меџити кој поддржувајќи протест на воени ветерани на УЧК порача дека војната на и во Македонија била разумна и чиста.
Реакцијата доаѓа особено по неодамнешниот став на вицепремиерот Изет Меџити кој изрази целосна поддршка за протест во Приштина под името „Правда за ослободителите“, организиран од страна на Здружението на воени ветерани на паравоената УЧК. Со статус на социјалните мрежи вели дека не сака да ја користи оваа голема кауза за изборни цели, бидејќи според него, борбата за слобода и правда е многу поважна од какво било политичко натпреварување.
Мојот став беше и останува принципиелен и непоколеблив: Војната на УЧК на Косово, онаа во Прешево, како и во Македонија, беше праведна, разумна и чиста! Ова беше војна за државност, за рамноправност и за заштита на албанскиот идентитет на земјите од поранешна Југославија. Светот ги призна и ги казни агресорите и сторителите на злосторствата против Албанците. Секоја тенденција денес да се изедначи сторителот со жртвата е неприфатлива, без разлика дали според нормите на меѓународното право или според принципите на обичајното право, пишува Меџити на Фејсбук.
Мицкоски со порака и до ДУИ, да не играат на картата на кратко помнење, да се воздржат од теми кои значат враќање во времето и теми кои се затворени со Рамковниот договор. Ги повика гласачите и политичарите да не паѓаат во замката на интегративците.
За ДУИ пак парадоксално било што премиерот зборува за „невраќање во 2001 година“, додека владеењето на владата според нив било враќање кон дискриминација и кршење на правата на Албанците и другите заедници.
Потсетувањето на 2001 година не е „стара тема“, туку потсетување на цената што граѓаните ја платија за еднаквоста и за Охридскиот договор, кој денес отворено се прекршува од актуелната влада. Ние нема да дозволиме неправдите од пред 2001 година да се повторат преку злоупотреба на власта и институциите, туку ќе инсистираме на зачувување на мултиетничкиот карактер на државата и целосно почитување на Охридскиот договор, реагираат Интегративците.
-
Ивана Соколовиќ Најдова
Сите содржини од овој новинар