Македонија
3. јуни 2026 - 13:46

Мицкоски: Македонија забрзува и мора да оди напред, со скромни ресурси правиме многу

Македонија забрзува и државата мора да оди напред. Покажуваме дека со скромни ресурси можеме да направиме многу и остануваме посветени на решавање на проблемите, враќање на долговите и решавање на нафтената криза, која е увезена. Обезбедуваме инвестиции и отвораме нови работни места. Ние мораме да обезбедиме напредок и да ги оставиме изговорите, изјави на денешната прес-конференција во Владата премиерот Христијан Мицкоски.

Целта на денешната прес-конференција, посочи премиерот, се најновите резултати објавени од Државниот завод за статистика, кои се однесуваат на растот на Бруто-домашниот производ. Тој нагласи дека овие бројки покажуваат дека растот на БДП е меѓу првите пет во Европа, што претставува исклучителен резултат.

- Пред да се осврнам повеќе на бројките, сакам да нагласам дека сум целосно свесен за сложеноста на работите од реалниот живот и тешките околности со кои се соочуваат граѓаните. Верувајте дека ги разбирам проблемите, скапиот живот и секојдневните предизвици. Можеби некој има дилеми за развојот што го креираме, а ќе има и такви кои на ова ќе гледаат со потсмев, но сакам да нагласам дека нашата цел е да одиме чекор по чекор напред и грчевито да продолжиме да се бориме за подобар живот. Затоа што јас и сите ние мораме да веруваме дека можеме подобро и дека секој ден, секој час работиме Македонија да забрзува напред, истакна Мицкоски.

Тој претстави три статистички параметри коишто во изминатиот период Државниот завод за статистика ги објави. 

Според Евростат, посочи Мицкоски, дадени се државите според остварениот раст на БДП, бројка како процент од бруто-домашниот производ, и ќе забележите, рече, дека ние сме на петтото место, споредено со државите за коишто растот од страна на Евростат е објавен.

- Има и такви за коишто сè уште растот не е објавен, но веднаш позади Малта, Полска, Србија се наоѓаме ние практично. Значи прва е Малта, Полска, Србија, па потоа доаѓа Македонија. ​На следната табела се наоѓа исто така остварениот резултат кога станува збор за раст на бруто-домашниот производ, но во случајот практично се усогласени параметри и тука гледате повторно ја имаме Данска, Малта, Полска, па ние, па Србија, рече Мицкоски.

Тој истакна дека ако се анализираат двете табели коишто ги објавува Евростат ќе дојдеме до заклучок дека седмиот квартал по ред, повторно откако се консолидирани институциите, остваруваме како Влада раст на БДП, којшто се наоѓа најпрвин во првата половина во Европа, а потоа и во првите пет земји во Европа според Евростат.

Потсети дека ова не е показател којшто го објавува Владата, туку ова е параметар којшто го објавува Евростат.

-​ Вториот параметар е индустриското производство. Знам дека ова ќе биде лоша вест за сите оние коишто не сакаат оваа држава да успее, а со тоа не сакаат и граѓаните да успеат, но ќе морам да ги разочарам, а е добра вест за огромно мнозинство македонски граѓани кога ќе прочитаат дека во април оваа година индустриското производство порасна за цели 7,6 проценти споредено со април минатата година, и со тоа во првите четири месеци од годината, во првата третина од 2026, како ретко која држава во Европа имаме индустриско производство коешто ни е во позитива. Мала, 0,2 отсто, но не е во негатива, во услови кога ја имаме најголемата енергетска криза во светот, која според сите познавачи од оваа област е поголема од енергетските кризи во 70-те години од минатиот век и онаа енергетска криза од 2022 година кога започна војната во Украина, рече тој.

Третиот параметар во делот на економијата, рече Мицкоски, се бројот на нови креирани нови работни места.

- Ова повторно ќе биде разочарување за сите оние коишто не сакаат државата да успее, коишто на дневна основа се трудат да испратат што е можно повеќе конструкции, шпекулации и лаги, а тоа е бројот на нови креирани работни места, односно на нововработени. Во третиот слајд е дадена бројката на вработени што е зголемена во првите 21 месец од работењето на оваа Влада. Зошто велиме во првите 21 месец? Затоа што стапката на вработени на крајот од март 2026 е 707.385, додека пак кога беше избрана Владата во јуни 2024 година, а тоа е крајот на вториот квартал, бројот на вработени беше 691.736. Или, отприлика цели 17.000, односно ако добро пресметаме, 16.000 нови креирани работни места. Знам дека овие информации и овие бројки што се само три на денешната прес-конференција, а за некои од другите параметри ќе зборува и министерката за финансии, ќе бидат лоша вест за оние коишто се молат оваа држава да не успее, но добра вест за огромно мнозинство граѓани бидејќи Македонија забрзува и Македонија се движи напред, оцени премиерот.

Мицкоски нагласи дека во време кога регионот и светот се соочуваат со сериозни економски, безбедносни и политички предизвици, кога многу држави се борат со последиците од глобалните кризи, инфлациските притисоци, нарушените пазари и геополитичката неизвесност, Македонија покажува дека може да оди напред.

- И покрај сложеното опкружување, државата бележи раст, се движи во позитивна насока и покажува дека со одговорни политики, дисциплина и јасен план може да се создава стабилност, да се поттикнува развој и да се отвора простор за подобар живот на граѓаните, посочи Мицкоски. 

Тоа, според него, е особено важно затоа што успехот во вакви услови, не пред се резултатот на она што претставува наследена состојба, туку пред се на резултатот на посветена работа, јасни приоритети и решителност државата да не биде заложник на кризите, туку да ги решава и да ги надминува.

- Да не заборавиме дека ова е Влада која останува посветена и на борбата против корупцијата и дека разликата се чувствува во фактот што правдата и правилата мора да важат за секого. Очекувам во периодот што следи темпото и резултатите од работата да бидат уште посилни. Економскиот раст и зголемувањето на БДП не се само бројки – тие се доказ за нашата работа, инвестиции и заедничка посветеност кон подобра иднина. Нашата цел е силна, стабилна и конкурентна економија што ќе создава нови работни места, повисоки плати и подобар животен стандард за сите. Ќе продолжиме со политики што поттикнуваат развој, иновации и економски напредок. Заедно, чекор по чекор, ја градиме иднината на нашата држава, потенцира Мицкоски. 

МИА