Мицкоски: Mакедонскиот јазик мора да биде франка лингва во правосудниот систем
Откако лидерот на ЗНАМ најави излегување од Владата ако правосудниот испит се полага и на албански јазик, премиерот тврди дека решението ќе биде комбинирано. Делот поврзан со додипломските студии ќе може да се полага на јазикот на кој студентот го завршил факултетот, додека делот што опфаќа кривична и граѓанска постапка ќе се полага исклучиво на македонски јазик.
Од ЗНАМ реагираат дека нивниот став останува непроменет – во моментов нема уставна и законска основа правосудниот испит да се полага на албански јазик. Станува збор за правно, а не за етничко или политичко прашање, предупредуваат, посочувајќи дека евентуални хибридни решенија би можеле да создадат преседан со последици врз правосудниот систем и функционирањето на институциите. Претседателот на ЗНАМ најави и лидерска средба за ова прашање.
Албанската опозиција жестоко реагира на позициите на Димитриевски. Од ДУИ му порачаа дека државата им припаѓа и на Албанците како државотворен народ – ако не му се допаѓа оваа реалност, Врање ви е блиску!
Во статус на социјалните мрежи реагираше и Бујар Османи, вели дека повеќе од 30 закони не можат да бидат усвоени поради недостиг на Бадентерово мнозинство. Тоа е најдобриот доказ дека една влада без легитимитет е нефункционална.
Студентите инсистираат правосудниот испит во целост да се полага на албански јазик, а доколку нивното барање не биде исполнето, најавија можност за нови протести.
-
Ивана Соколовиќ Најдова
Сите содржини од овој новинар
