Македонија
16. October 2026 - 12:18

Мицкоски: Михаилова и нејзиниот татко ќе се соочат со правдата, случајот ќе го отвориме и пред партнерите во НАТО

Македонија има свои алатки и механизми за дејствување на меѓународната сцена, а целта е Ива Михајлова и нејзиниот татко, кој е првостепено осуден, да бидат изведени пред лицето на правдата, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи го случајот со Ива Михајлова и ставот на бугарските власти дека нема да ја екстрадираат.

-Со одговорот на бугарските власти, најпрвин паднаa во вода координираните напади коишто доаѓаат oд таму и од нашата опозиција дека нешто било договорено. Имавме ние барање за потерница и очекувам едниот којшто е првостепено осуден, тоа е родителот на Ива, да биде вратен, а Ива да дојде и да ја докажува својата невиност пред судовите во Македонија. И ние имаме свои алатки, свои механизми како да се бориме на меѓународна сцена. И повторно ќе го кажам она што го кажав вчера, дека овој неуспешен обид нанесе голема штета, дипломатска штета на владата во официјална Софија, тоа е нивен проблем, а наш проблем е бегалецот од правдата и бегалката да ги изведеме пред лицето на правдата. Јас вчера кажав, еве и повторно дека кога тогаш тоа ќе се случи, рече Мицкоски, одговорајќи на новинарско прашање по отворањето на новото основно училиште „Крсте Петков Мисирков“ во Ченто. 

Тој посочи дека во тек е истрага и најави дека дел од доказите ќе им бидат презентирани на партнерите на Македонија во НАТО, со цел да се покаже однесувањето на земјите членки во вакви случаи.

-Ние имаме истрага и дозволете да ја завршиме истрагата, а потоа дел од тие докази што ги има прво ќе ги презентираме пред нашите партнери во НАТО, за да покажеме како партнерските земји во НАТО се однесуваат. Овој упад што е направен, буквално е киднапирано лице кое сега е бегалец од правдата, нема да заврши вака едноставно. Но, ние исто така нема да дозволиме да бидеме жртва на емотивни реакции и ќе продолжиме со она што е наш интерес, а тоа е процесот на евроинтеграции и нема да ги напуштиме преговорите, напротив, ќе ги засилиме нашите барања за средби, за дијалог и за барање решенија, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

 

МИА

Ново на Сител