Мицкоски: Мојата задача не е да се занимавам со коски од минатото, туку да обезбедам иднина за нашите деца

- Мојата задача како премиер не е да се занимавам со коски кои припаѓаат на минатото, туку со обезбедување иднина која им припаѓа на нашите деца. Да учиме од грешките од минатото. И затоа седнавме на маса за дијалог, од која тие долго бегаа и велеа дека тоа е невозможно. Не велам дека тоа е само мој успех, но е заеднички чекор напред, порача премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето на Свечената академија по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, осврнувајќи се на спорот со Бугарија.
Мицкоски истакна дека Македонија мора да биде трпелива и мудра во процесот на европска интеграција, оценувајќи дека членството во Европската Унија е важно за земјата да може рамноправно да учествува во одлучувањето и да ги брани своите интереси.
Тој посочи дека Бугарија, почнала да ги отвора прашањата за добрососедските односи и за историските личности по влезот во ЕУ, користејќи ги механизмите на Унијата за да го блокира македонскиот евроинтегративен процес.
- Ете затоа е важно да бидеме и ние таму и таа наша борба за таа цел мора да биде исполнета со мудрост, знаење и единство. И ова не го кажувам за да ги посочам неправедните игри спрема нашата татковина, туку поради потребата да бидеме трпеливи и да играме и дејствуваме на долги стази – рече Мицкоски.
Тој нагласи дека нема да реагира импулсивно на провокациите и притисоците, туку ќе одговара со разум, принципи и отпорност, додавајќи дека политиката ја гледа како маратон, а не како трка на 100 метри.
Мицкоски порача дека нема да отстапи од, како што рече, интересите на македонскиот народ и од политиката што ги застапува македонските национални интереси.
- И Бугарија да договори стотина како опозицијата кои ќе велат: „Бланко внеси ги Бугарите во Уставот, па после сè друго“, одговорот ќе биде дека никогаш нема да отстапам од тоа што е интерес на мојот народ, ниту има сила која ќе ме поколеба во тоа да водам исправна промакедонска политика – истакна премиерот.
Осврнувајќи се на историските прашања, тој рече дека македонското историско паметење не подлежи на одобрување од други и дека никакви притисоци не можат да ја избришат улогата на Гоце Делчев во македонската историја.
- Нашето паметење не подлежи на нивно одобрување. Ниту еден притисок не може да го избрише Гоце Делчев од срцето на македонскиот народ. Затоа што Гоце е вткаен во нашата борба, во нашата слобода, во нашето постоење. Гоце е Македонија. – порача Мицкоски.
Во обраќањето, премиерот се осврна и на безбедносните состојби во Европа и на Балканот, оценувајќи дека растот на протестите и насилството, како и активностите на различни служби во регионот, создаваат ризик од обиди за пренесување на туѓи проблеми во земјава.
Тој предупреди на можни провокации и обиди за наметнување етнички теми, посочувајќи дека граѓаните треба да бидат свесни и да не подлегнуваат на манипулации.
- И затоа е многу важно народот да е високо свесен, да не потпаѓа на разни провокации, да не се наметнуваат вештачки прашања или хиперболизирани етнички теми. На тој начин профитерите од таквите кризи нема да бидат меѓу народот, туку оние кои со децении живеат на грбот на народот – рече Мицкоски.
Тој порача дека нема да дозволи, како што рече, нечесни игри и политички авантури, додавајќи дека државата треба да се води со отвореност кон реалноста, со разбирање за потребите на граѓаните и со подготвеност да се исправат грешките.
- Ќе има тешкотии и ќе има одлуки за кои ќе се водат сериозни расправи. Нашата обврска е да објасниме, да сослушаме, да признаеме кога нешто треба да се поправи и да го поправиме. Држава се води со отворени очи за стварноста и со чувство за животот на луѓето – порача Мицкоски.
МИА
Ново на Сител
-

Македонија утре на Јуниорскиот Евросонг: Од вечерва може да се гласа за Ана Стојаноска
-

Скопјанка измамена за сума од 117.000 денари од поранешен вработен во Катастар
-

Во текот на изминатото деноноќие приведени 10 возачи за „безобѕирно управување со моторно возило“
-

Приведени две лица откако нападнале и ограбиле маж и се обиделе да го принудат да земе брз кредит
-

Мицкоски: Мојата задача не е да се занимавам со коски од минатото, туку да обезбедам иднина за нашите деца
-

Владина делегација предводена од Муцунски положи цвеќе по повод 23 Октомври
-

УХМР: Најстудено на Попова Шапка, најмногу дожд во Крива Паланка
-

Руски танкер со 40.000 тони дизел плови кон Њујорк по договорот меѓу Путин и Трамп
