Мицкоски најавува данок за лица кои не се брак, вели вклучен е демографскиот аларм
Со финансиска поддршка, инвестиции, но и повисоки даноци државата ќе се бори со падот на наталитетот. Премиерот Мицкоски најавува дека Владата сериозно размислува за воведување на данок за лица кои не се брак. Но засега без повеќе детали, дали и како Македонија ќе им се приклучи на држави како САД, Канада, Германија, Франција, Белгија, Шпанија, држави кои немаат директни даноци за лицата кои не се брак, но имаат низа даночни олеснувања за брачни парови.
„Секоја мерка, секоја инвестиција, секоја политика што ја носиме- е со цел да ја вратиме вербата. И тука сериозно размислуваме за дополнителни даноци за немажени и неженети. Нема ништо посвето од животот. И нема ништо потажно од тоа што денес нашата држава тивко се празни. Но исто така- нема ништо похрабро од народ што се буди.
Затоа велиме: Време е. Време е за иднина. Време е за држава-каде што ќе се раѓаат повеќе деца, тоа ни е главниот императив, повеќе млади да стапуваат во брак и да се раѓаат повеќе деца, а оние кои што се отселени да се вратат. Затоа што само така ќе се живее со повеќе срце“, порача Мицкоски
Најавата на премиерот Мицкоски засега е само идеја, а извори од министерството за финасии велат дека конкретен предлог до нив не е поднесен.
Неофицијално, се размислува повисоките даноци да важат за лица постари од 35 години, а се подготвува цел пакет бенефиции кои ќе важат за брачни парови, олеснувања при вработување, стекнување дом и промени во парафискални давачки.
И минстерот Лимани најави 20тина проекти за зголемување на наталитетот, меѓу кои и драстично зголемување на еднократна финансиска помош за прво и второ дете и близнаци, поврат на данок на личен доход за мајки по завршување на породилно отсуство, изградба на детски градинки.
Македонија повеќе години бележи негативен природен прираст. Само лани населенето е намалено за 4140 лица, покажа извештајот на Државниот завод за статистика. Според последниот попис пак, во изминатите 20 години Македонија ја напуштиле над 170 000 работоспособни лица. Ако овој тренд продолжи прогнозите се дека во следните 50 години драстично ќе се намали бројот на жители.
-
Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар