Мицкоски: Најголема инвестициска офанзива во општините, се гради низ цела држава
Со 225 милиони евра ќе се реализираат 828 проекти низ цела Македонија. Во Владата денеска беа потпишани договорите со општините кои беа избрани на вториот повик за финансирање на инфраструктурни проекти. Најмногу пари, или 132 милиони евра, ќе се вложат во транспортот. Ќе се градат нови патишта, мостови, училишта, градинки, канализациски мрежи, паркови…
За премиерот Мицкоски е значајно тоа што аплицирале сите општини без разлика од која партија се градоначалниците.
„Ова е најголемата инвестициска офанзива за општините, некогаш направена. Не само по бројките, туку по одлучноста и правичноста. Се гради низ цела држава, во сите општини што аплицираа и имаа подготвена документација. Без партиски филтри. Без фаворизирања. Онаму каде што има проект, таму има и поддршка. Од застој и партизација до резултати и реални градилишта. На дело ја покажуваме разликата, од политички спинови до бројки и багери. Македонија не е само Скопје, инвестираме подеднакво во секое село и секој град. Ова не се партиски ветувања, ова се 828 конкретни договори. Не зборуваме само за иднината, туку истата ја градиме секој ден“ – Христијан Мицкоски, премиер
Со првиот повик беа финансирани 288 проекти. Министерот за локална самоуправа Перински вели дека е горд што над 40 проценти од проектите од тој повик веќе се завршени, а останатите се во напредна фаза на реализација
„Не зборуваме само за планови, туку за реални резултати на терен. Голем дел од проектите кои се завршени се имплементираат во помалите и рурални општини. Секој градоначалник е заинтересиран да направи што е можно повеќе за своите граѓани. Динамиката на реализација на проектите е огледало за менаџерските способности на локалните власти. Реализацијата на секој проект што го финансираме значи подобра услуга и мотивација плус за граѓаните да останат да живеат и да ја градат својата иднина во рамки на својата општина“ – Златко Перински, министер за локална самоуправа
Вкупната вредност на проектите од првиот повик е над 73 милиони евра.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар