Македонија
1. April 2026 - 16:33

Мицкоски очекува Савески да реотвора предмети, за Филипче обвинителот бил под контрола на власта

Средба меѓу премиерот и новиот државен обвинител Савески не се планира во скоро време, но Владата е подготвена да ги обезбеди сите потребни ресурси и нови вработувања за тој веднаш да почне со работа. Премиерот Мицкоски ги повтори очекувањата Савески веднаш да утврди како поранешната специјална обвинителка Катица Јанева давала овластувања од притвор за предмети на СЈО, но и дали заштитените сведоци за 27 април давале искази под принуда. Премиерот очекува да се отворат и предмети кои со години стоеле во фиока.

Савески најави дека ќе ги проверува предмети и доколку има некакво незаконско постапување, ќе бидат преземени активности од обвинителството. Тој вчера најави дека ќе ги одземе овластувањата на неколку обвинители во одредени предмети, меѓу кои и овластувањето на Ленче Ристоска да постапува во предметите поврзани со партијата ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи таа е обвинителка во ОЈО Скопје, а предметите се на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.

За ваквите потези на Савески премиерот нема коментар, вели дека тоа е работа на самото обвинителство.

Затоа, пак, за опозициската СДСМ тоа е доказ дека новиот обвинител бил под директна контрола на Мицкоски.

- „Еве зошто не гласавме за Савески и не му дадовме поддршка – затоа што работи по диктат на Христијан Мицкоски. Има ли поголем доказ од ова да се спасат предметите во кои ВМРО-ДПМНЕ е предмет на истрага и на судски процеси? Ова е само дел од востановената пракса од почетокот на владата, кога се инсталираа и членови на Судскиот совет, и судии и обвинители… И тогаш укажувавме дека се партизира судството и дека не се спроведува реформската агенда со закони за судството. Ова не нè изненадува. Тој е под директна контрола на премиерот и ништо друго“, оцени Филипче.

Савески беше избран за обвинител пред две недели и тоа со гласови од владејачкото мнозинство. Иако немаа забелешка за професиналната биографија на кандидатот - дел од пратениците на СДСМ гласаа воздражно,  а најголем дел од нив иако во салата воопшто не се изјаснија за него.