Македонија
3. July 2026 - 14:13

Мицкоски: Очекувам во јунскиот извештај да бидеме најдобри исто како во декемврискиот, има уште време за разговори со опозицијата за Изборниот законик

Премиерот Христијан Мицкоски денеска повтори дека очекува во јунскиот извештај на ЕУ да бидеме најдобри исто како и во декемврискиот. Тој уште еднаш повика на разговори со опозицијата за Изборниот законик за што рече дека сè уште има шанса да биде донесен и да биде исполнет и десеттиот чекор од зададениот грејс-период.   

- Oчекувам и во овој јунски извештај да бидеме најдобри, како што бевме и во декемврискиот извештај. Мене ме радува и ме охрабрува информацијата што вчера ја пренесе еден европски медиум дека сè погласни се изјавите од страна на високи европски политичари кои ќе овозможат топ-ап (top-up), односно додавање на сумата за три земји од групата Западен Балкан 6, кои се понапредни во делот на испорачување на реформската агенда. Ние веќе ги дефинираме внатре помеѓу нас приоритетите и врз основа на овие приоритети, доколку бидеме ние вклучени во тие три земји, а очекуваме да бидеме вклучени, ние тие приоритети ќе ги презентираме - рече Мицкоски, кој денеска беше на промоција на нова воена опрема во касарната „Илинден“.

Во однос на измените и дополнувањата на Изборниот законик, премиерот рече дека текстот е целосно усогласен со препораките на ОБСЕ и ОДИХР, но, според него, имаме неодговорно однесување од опозицијата. Уште еднаш искажа подготвеност за разговори во делот на гласањето на дијаспората. 

- Но, ние сме подготвени, а тоа го кажав и вчера во интервју, да седнеме, повторно да разговараме во делот на гласање на дијаспората како да го подобриме тој процес, како да ја вклучиме повеќе дијаспората. Еве, во ред, тие одлучиле дека и покрај тоа што десетици земји во светот користат електронско гласање, го имам јас комплетно разработен и естонскиот модел, еве нека не биде така, од 2029 година, од претседателските избори, па натаму, тие се исплашени бидејќи велат: „И тогаш ќе бидеме опозиција“, па мислат дека некој повторно ќе им ги украде изборите. Фројд понекогаш проработува. Мислат дека како што тие се однесувале, така сите се однесуваат, но еве ние сме подготвени повторно да седнеме, повторно да разговараме. Гласањето на дијаспората - да најдеме модалитет да биде во обем многу поголем, со што би заштедиле пари. Еве, нека биде со писма, преку пошта, како било, да најдеме форма како да го интензивираме гласањето на дијаспората и да го направиме достапно за дијаспората. Што се однесува до сите други нивни барања, јас кажав дека ние како најголема политичка партија ќе ги прифатиме, без да дискутираме - рече Мицкоски. 

Премиерот рече дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ги прифати барањата заокружувањето да биде само на бројката или на името во делот на жалбите по завршување на изборот...

- Јас би сакал да бидеме 10 од 10. Имаме време до кај 15 јули, некоја недела имаме плус, да седнеме, еве подготвени сме уште еднаш да се обидеме да најдеме начин како да го надминеме ова што преку своето неодговорно однесување го прави опозицијата - рече Мицкоски.

Што се однесува до парите, рече, досега имаме ослободување на нешто над 140 милиони, а со овие стотина што би можеле да ги очекуваме ќе дојдеме до 240. Мицкоски појасни дека една третина од нив е за ликвидност на буџетот, а другите две третини се грант или мек кредит, кој ќе почне да се исплаќа од 2032 година за проекти што се капитални инвестиции. 

Одговарајќи на новинарско прашање, премиерот рече дека за либерализацијата на пазарот на електрична енергија Владата усогласи одлука со АД ЕСМ, која помина на владина седница заедно со Европската комисија, дека, почнувајќи од 1 јануари 2027 година, количините што АД ЕСМ ќе ги испорачува кон универзалниот снабдувач, во случајов „ЕВН хоум“, нема да надминуваат 70 отсто.

- И во согласност со разговорите што ги имаме со Европската комисија, очекуваме овој чекор биде прифатен како исполнет - рече премиерот.

На пленарна седница помина и законот за трговски друштва, каде што државата е доминантен сопственик или има учество во капиталот на друштвата, а изгласан беше и регистарот на таквите трговски друштва. - Истото ова за кое сега зборувам е усогласено со луѓето од страна на Европската комисија и очекувам и овој чекор да биде исполнет, така што доаѓаме до бројката 9 - рече премиерот. 

Запрашан како ќе се користат средствата од планот за раст, тој објасни дека од она што досега е добиено, дел е префрлен во буџетот, за буџетски потреби, а другите средства стојат резервирани за капитални инвестиции, што се дел од индикативната листа што претходната влада ја усогласила со Европската комисија.

- И ние мора да ја следиме таа индикативна листа, така ќе продолжиме и понатаму. Што значи тоа? Тоа значи дека ако овие стотина милиони евра сега во јунскиот извештај ние ги добиеме, 30-40 ќе бидат буџетска поддршка, 60-70 ќе бидат наменети за проекти преку WBIF-програмата како грант и другите ќе бидат за проекти финансирани преку мек кредит, кој ќе почне да се отплаќа од 2032 година. Така што, тоа што е индикативна листа, ние тоа ќе го следиме. А доколку бидеме во групата што ќе добие додаток, односно топ-ап (top-up), како што тие го нарекуваат, ќе ја видиме сумата. Ние тука дискутираме за приоритети - рече Мицкоски. 

Некои од проектите што беа дел од ИПА-програмата не се реализирани, додаде тој, потенцирајќи дека тие треба да ни бидат приоритет, како што е, пречистителната станица во Тетово, во Битола, потоа онаа организирана депонија кшто требаше да се гради на истокот...

- Сето тоа претставува наш приоритет и цениме дека можеме тоа да го реализираме имајќи предвид дека минатите години со претходните влади тоа не било реализирано. Доколку го добиеме овој топ-ап, ние имаме други приоритети, кои се многу блиску поврзани со ИПА-проектите од минатото, кои не се реализирани - рече Мицкоски.

Исто така, тој рече дека ќе биде обезбедено и обесштетување за земјоделците кои претрпеа штети од невремето.

Премиерот одговори дека во текот на денот очекува до Собранието да биде испратен предлог-составот на новата Влада.

 

МИА

Ново на Сител