Македонија
22. October 2026 - 16:55

Мицкоски од Црна Гора: Одамна заслуживме да бидеме во ЕУ, но поради вештачки причини не ги почнавме преговорите

„Македонија одамна заслужи место во европското семејство, но поради вештачки причини не може да ги стартува ниту преговорите“, порача премиерот Мицкоски пред почетокот на самитот на Берлинскиот процес во Црна Гора.

Оваа реалност, вели Мицкоски, сепак не ја менува стратешката цел на Македонија, за полноправно членство во Унијата.

„Досието на Македонија е многу сложено. Одамна заслуживме да бидеме дел од ЕУ, но, за жал, поради одредени вештачки причини, сè уште не сме во можност да ги започнеме преговорите. Во моето обраќање ќе ја потврдам заложбата на македонската влада за исполнување на рефомската агенда на ЕУ и членството во Унијата. Во таа насока се движи владата и така и ќе продолжиме“, изјави Мицкоски пред почетокот на Самитот.

Покрај лидерите на земјите од Западен Балкан на самитот чиј домаќин е Црна Гора, присуствуваше и германскиот канцелар.

Мерц ги охрабри земјите од регионот да продолжат со реформите, посочувајќи ја Црна Гора како пример дека членството е достижна цел.

„Вашето членство во ЕУ е она што ние го сакаме. Можете да сметате на поддршката од Германија, како и на мојата лична поддршка. Ние како ЕУ го исполнивме своето, но и вие мора да го сторите истото. Реформите и политичката волја мора да дојдат од вас“, рече Мерц.

Фокус на денешниот самит сепак беше напредокот на Црна Гора кон Унијата.

Црногорскиот премиер пак вели дека очекува до крајот на годината земјата да ги заврши преговорите за членство, а до 2028-ма и официјално да стане членка.

Со денешниот самит Црна Гора го заокружува едногодишното претседавање со Берлинскиот процес, кој следната година ќе го води Австрија.