Мицкоски од Самитот во Црна Гора: Очекувам силни пораки за интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ

Премиерот Христијан Мицкоски очекува силни пораки за интеграцијата на Западен Балкан во Европската Унија, како и суштински дискусии и конкретни резултати од денешниот Самит на Берлинскиот процес во Црна Гора.
– Денеска очекувам многу силни пораки во однос на интеграцијата на Западен Балкан во Европската Унија. Секако, тука ја вклучувам и мојата земја. Досието на Македонија е многу сложено. Одамна заслуживме да бидеме дел од ЕУ, но, за жал, поради одредени вештачки причини, сè уште не сме во можност да ги започнеме преговорите - изјави Мицкоски пред почетокот на Самитот.
Тој најави дека во своето обраќање ќе ја истакне силната посветеност на македонската Влада на реформската агенда на ЕУ и на европската интеграција, посочувајќи дека Владата и во иднина ќе продолжи да дејствува во таа насока.
- Во моето обраќање ќе ја претставам и ќе ја пренесам пораката за силната посветеност на македонската Влада на реформската агенда на ЕУ и на европската интеграција. Практично, такво е и досегашното дејствување на мојата Влада и ќе продолжиме да се движиме по тој пат и во иднина - истакна Мицкоски.
Тој се осврна и на актуелните глобални предизвици, меѓу кои ги посочи војната во Украина, војната со Иран, кризата на финансиските пазари и протестите низ Европа.
- Живееме во многу предизвикувачки времиња. Веројатно сме сведоци на едни од најпредизвикувачките периоди што човештвото може да ги памети во овој век: руската војна во Украина, како и војната со Иран, кризата на финансиските пазари, протестите низ цела Европа и сè што е поврзано со нив. Затоа, мораме да најдеме начин да излеземе од оваа ситуација во светот, особено во Европа, а мојата Влада е силно посветена да придонесе во таа насока - рече премиерот.
Тој изрази надеж дека денешните разговори во рамки на Самитот на Берлинскиот процес ќе бидат суштински и ќе резултираат со конкретни и плодни резултати.
Мицкоски ја предводи македонската делегација на Самитот што се одржува во Свети Стефан, Црна Гора, на кој ќе се разговара за економското поврзување на регионот, безбедноста и забрзување на интеграцијата во Европската Унија.
Самитот е завршен настан на претседавањето на Црна Гора, а покрај лидерите од Западен Балкан, учествува и канцеларот на Сојузна Република Германија, Фридрих Мерц, кој е силен поддржувач на напредокот и интеграцијата на регионот во Европската Унија.
Самитот ќе го отворат премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ и германскиот канцелар Мерц. Во рамките на Самитот ќе се одржи и пленарна сесија „Регионот во движење: Западен Балкан ја обликува заедничката иднина на Европа“.
Германската влада соопшти дека главни теми ќе бидат економскиот раст, конкурентноста и безбедноста, додека Црна Гора за време на своето претседавање како четврт клучен приоритет ја постави зелената и одржлива транзиција.
Берлинскиот процес е меѓувладина платформа покрената во 2014 година на иницијатива на Германија, под тогашната канцеларка Ангела Меркел, со примарна цел да се забрза евроинтеграцијата и да се продлабочи регионалната соработка на земјите од Западен Балкан.
MИА
Ново на Сител
-

УЈП почна да праќа решенија за неплатен данок за 2021 година
-

Oслободени двајцата обвинети за случајот со Пендиков
-

Мадрид: Промовирана книгата „Во срцето на Шпанија“ - Сведоштво за храброста на македонските доброволци
-

Мицкоски по Самитот: Се бориме да вратиме што беше продадено
-

Тема на денот со Саша Богдановиќ, претседател на Српска демократска лига
-

Мицкоски од Црна Гора: Одамна заслуживме да бидеме во ЕУ, но поради вештачки причини не ги почнавме преговорите
-

Евроамбасадорот Рокас очекува заедничка иднина со ЕУ и инвестиции во одбраната
-

По бегството во Бугарија, Ива Михаилова ќе се суди во отсуство
