Македонија
28. July 2022 - 16:54

Мицкоски позитивно изненаден од Пендаровски, референдумското прашање за условите за членство во ЕУ

Опозицискиот лидер Мицкоски на иста линија со претседателот Пендаровски како да гласи референдумското прашање доколку дојде до изјаснување на граѓаните. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека е пријатно изненаден од врховниот командант поради позитивниот став за референдум и можноста народот да избере каква европска иднина сака.

-Граѓаните да одлучат дали сакаат вака асимилирани, бугаризирани, под диктат да имаат европска иднина, или пак горди, достоинствени, кога за тоа ќе се создадат услови во блиска иднина да имаме европска иднина. Европската иднина и желбата на граѓаните, но и на политичките субјекти никогаш не било под знак прашање и немало дилема, туку само патот, вели Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Дали сакате да одите во ЕУ под вакви услови е предлогот на Пендаровски доколку дојде до референдумот што го бара опозицијата.

-Колку што разбирам, прашањето нема да биде за уставните промени, туку ќе биде за билатералниот договор со Бугарија и зошто тој влегува внатре. Ако некој не разбира дека овој билатерален договор, а и со Грција, се оската по која ние продолжуваме кон Европа, и сака тоа да го нема, почесно е референдумското прашање да гласи: „Дали сакате да одите во ЕУ под вакви услови?“. Без спомнување договори, точки… Опозицијата треба да излезе со чесна формулација и ако е такво прашањето, сите партии треба да излезат на референдум, а не да бојкотираат, вели Пендаровски во интервју за Фокус.

Освен предлог за референдумското прашање, претседателот Пендаровски бара и законски измени, односно, да биде симнат прагот од 50 плус 1 од запишаните гласачи и да биде само од оние што ќе гласаат.