Мицкоски: Практичниот дел на правосудниот испит ќе биде на македонски јазик, јасна е одлуката на Венециската комисија

Премиерот Христијан Мицкоски денеска во одговор на новинарски прашања појасни дека предложеното решение за полагање на правосудниот испит предвидува два дела, при што теоретскиот ќе може да се полага и на албански, турски или англиски јазик, додека практичниот дел ќе биде исклучиво на македонски јазик и кирилско писмо.
- Не постои таков правосуден испит којшто во целост се полага на албански јазик. Второ, решението кое што е испратено во Венециската комисија е следно - правосудниот испит се полага во два дела. Првиот дел е делот во кој што се полага теорија што е содржана до додипломските студии. И законот вели дека секој оној кој што го формирал своето високо образование во Македонија на јазик различен од македонскиот, може да избере тој дел да полага на тој јазик на кој што го формирал своето високо образование. Такви се три опции - на албански, турски и на англиски. И вториот дел, а тоа е делот кој што се симулира два судски процеси, кривичен и граѓански. Тој дел се полага на македонскиот јазик и кириличното писмо - кажа Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по пуштање употреба на детска градинка во Гази Баба.
Тој истакна дека е јасна одлуката на Венециската комисија на законот за употреба на јазиците и оти правосудниот систем има само франка лингва пристап, односно принцип, а тоа е владеење на право кое што се брани и се напаѓа на еден единствен јазик, а тоа е македонскиот јазик и кириличното писмо.
- Вториот дел од мојот одговор. Претпоставувам сведоци сте на тоа што го прави Демократската унија за интеграција. Јас жалам што после 20 години и неколку министри на ДУИ, не направиле никаков исчекор во решавање на овој проблем и сега дрско се обидуваат да нападнат некој кој се труди да направи чекор. Тоа е дрско однесување. И таквото однесување само служи за потпалување на меѓуетнички тензии, нешто што најмалку ни е потребно како држава. Ова не е етничко прашање ниту политичко. Ова е прашање на владеење на право. Имаме владеење на право или немаме владеење на право? Впрочем, ако го погледате извештајот на самата Европска Унија, ќе забележите дека Унијата повикува да се најде веднаш решение во рамките на Уставниот суд за употребата на билингвализмот или двојазичноста, односно повикува на она коешто го говори Венециската комисија - рече Мицкоски.
Премиерот ги повика граѓаните да не наседнуваат на овие обиди од страна на опозициската ДУИ која, како што рече, имаше повеќе од 20 години можности, неколку министри, дузина функционери да го решава прашањето.
- Оваа влада најде начин седна заедно, најде решение коешто го испрати до Венециската комисија и чекаме сега од Венецијанската комисија мислење - заклучи Мицкоски.
Во однос на изјавите на лидерот на ЗНАМ Максим Димитриевски дека ќе излезат од Владата доколку се усвои законот за правосудниот систем, Мицкоски рече дека Владата е стабилна.
- За ставот на Димитриевски ќе го прашате него. Инаку, Владата се бира со мнозинство во Парламентот. Тоа мнозинство е 61 пратеник, ние имаме мнозинство во моментот коешто е многу повеќе од 61 пратеник. Така што Владата е стабилна, односно најстабилна во овој дел на Европа можеби пошироко и продолжуваме да испорачуваме за граѓаните она што е важно за граѓаните - потенцира Мицкоски.
Премиерот рече и дека со Димитриевски разговарале за лидерска средба и посочи дека коалициска лидерска средба е планирана за декември.
На новинарско прашање дали по изборите во Брвеница, ВРЕДИ ќе има помалку функционерски места, Мицкоски рече дека нема намера да биде жртва на дневна политика и ќе го испочитува тоа што е договорено во јуни 2024 година.
- Ова не е прашање на математика, туку е прашање на суштина што е договорена уште при формирање на владината коалиција во јуни 2024. И апсолутно тука јас немам намера да бидам жртва на било каква дневна политика, затоа што зборот е збор. И зборот е даден до 2028 година кога ќе бидат редовните парламентарни избори. Ние имавме разговор со лидерството на ВРЕДИ. И одлучивме, откако ги дефиниравме другите позиции за некои други теми коишто се важни за државата во периодот што следи, на работно ниво, на кадровски партиски комисии да се искристализираат овие предлози - рече Мицкоски.
МИА
Ново на Сител
-

Кривична за 19-годишник од Кочани, направил експлицитни снимки од 18-годишна девојка без нејзина дозвола
-

Од утре повремен дожд и пониски температури
-

Јаневска во посета на Јапонија: Отворање нови можности за продлабочување на соработката
-

Мицкоски: Практичниот дел на правосудниот испит ќе биде на македонски јазик, јасна е одлуката на Венециската комисија
-

„АЛТА банка“ од понеделник ќе ја отвори и експозитурата во Прилеп, ќе може да се подигнат до 20.000 денари
-

Пронајдена бела прашкаста материја во Чегране, двајца со БМВ се обиделе да ги прегазат полицајците
-

Лажат дека се болни за да добијат антибиотици: Речиси секој трет Американец признал дека го измамил лекарот
-

Село во Шпанија со само 40 жители понудило бесплатна куќа и сигурна работа – пристигнале 8.000 пријави, повикот е затворен
