Македонија
15. July 2026 - 16:34

Мицкоски: Правдата е задоволена со враќањето на “Белата палата”

Правдата конечно е задоволена – вака премиерот Мицкоски ја прокоментира судската одлука со која партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ, познато како Белата палата, нема да биде конфискувано и останува во сопственост на партијата. Сепак, кога станува збор за ослободителната пресуда за неговиот претходник, Никола Груевски, Мицкоски ја префрли политичката одговорност кај претходната власт. Според премиерот, ваквиот епилог е директна последица на политичките калкулации на СДСМ и ДУИ со кои се донесоа измените на Кривичниот законик.

„Што се однесува за другиот дел од пресудата и лицето кое е опфатено со другиот дел од пресудата, од она што можев да го прочитам од одговорот на Кривичниот совет при Основниот суд, можам да заклучам дека станува збор за последица од законските измени во Кривичниот законик донесени од претходната влада на СДСМ и ДУИ и како резултат на тие законски измени, ние кажавме во минатото, многу политички амнестии имаше, но многу политички амнестии и ќе следат. За жал, еднаш кога ќе направите грешка, таа грешка станува правило и ве следи. А што се однесува до најголемата политичка партија ВМРО-ДПМНЕ, можам да кажам дека правдата е задоволена“,

Но според опозициската партија, токму контролата на премиерот врз судството и обвинителството го спасиле екс премиерот Груевски од одговорност за предметот Талир 2 и се одмрзна имотот на ВМРО-ДПМНЕ.

Сега на сите граѓани им е јасно зошто ја тргнаa Ленче Ристовска, зошто и беа одземени овластувања, зошто таргет беа судии и обвинители, сите поврзани со предметите „Талир 1 и „Талир 2.На сите им е јасно зошто беше поставена обвинителка од тефтерчето на Сашо Мијаков, зошто се менуваат и се назначуваат судии блиски до Мицкоски. Кога беа во опозиција, ВМРО постојано ја напаѓаше судијката што го водеше предметот и бараше нејзино разрешување, јавно вршејќи притисок. Како власт им успеа.

Случајот Талир 2 се однесуваше на изградбата на партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ. Според обвинението, тогашниот претседател на партијата Никола Груевски и генералниот секретар Кирил Божиновски направиле незаконски договор со градежната фирма „Бетон“ Скопје. Фирмата ја изградила луксузната зграда целосно на свој трошок, иако тоа било економски неоправдано за неа. За возврат, „Бетон“ наводно добивал милионски државни тендери, што е строго забрането со закон бидејќи фирми кои работат со државата не смеат да финансираат политички партии. Во првото судење во 2022 година, Груевски беше осуден на шест години затвор, Божиновски доби условна казна, а судот нареди зградата да се конфискува. Сепак, Апелација ја укина првостепената пресуда, а по измените на Кривичниот законик, делото за Божиновски целосно застаре, а на повтореното судење судот донесе ослободителна пресуда за Груевски, со што „Белата палата“ и останува во сопственост на партијата.