Македонија
29. April 2026 - 12:31

Мицкоски: За капитални проекти 3,3 милијарди евра во наредните пет години, проектите ќе ги одобрува Комитетот за јавни инвестиции

Можност за реализација на јавни инвестиции од 3,3 милијарди евра во наредните пет години е презентирана денеска на седница на Комитетот за јавни инвестиции. Ова новоформирано тело врз основа на методологија ќе ги одобрува капиталните проекти што ќе бидат на конечната листа и ќе ја следи нивната реализација. 

Премиерот Христијан Мицкоски, по седницата на Комитетот, истакна дека почнува нова пракса со алатка за следење на реализацијата на големи јавни инвестиции.

- Вкупната вредност во моментот е 3,3 милијарди евра за следните пет години. Ова е сериозна бројка, повеќето се проекти поврзани со градежништвото, над 600 милиони евра годишно. Ќе треба да се организираме и мобилизираме да можеме да ги реализираме овие проекти. Како Влада, ќе сториме сè за да обезбедиме финансирање, а делот на реалзиација што треба да го зголеми БДП не зависи само од Владата, туку и од проектниот менаџмент на изведувачите - рече Мицкоски.  

Како што појасни министерката за финансии Гордана Димитриекса Кочоска, ќе има нов начин на одлучување за капиталните проекти со вредност од над пет милиони евра, со што, посочи, потранспарентно и поорганизрано ќе се носат одлуки за прокетите и поедноставно ќе се планараат буџетите.  

- Ќе зборуваме за предлог-идеи што ќе се најдат на конечната листа. Не станува збор за проекти за кои веќе се обезбедени средства, туку за проекти за кои Комитетот, кој го сочинуваат сите министерства во Владата, ќе носат одлуки дали се важни, приоритни и треба да се реализират во периодот што следува. Секако, во согласност со можностите во буџетот, така ќе оди и носењето на одлуките за почнување и реализација - рече Димитриеска-Кочоска.

Премиерот во обраќање на седницата на Комитетот појасни дека листата на проектни идеи, која  се разгледува  е резултат на координиран пристап на повеќе институции и претставува силна основа за развој во клучните сектори.
 
- Во транспортот зборуваме за модерни железници, нови електрични локомотиви, реконструкција на делници и поврзување преку коридорите 8 и 10. Тоа значи побрз проток на стоки, подобра поврзаност и посилна економија. Во образованието продолжуваме со инвестиции во инфраструктурата на знаењето, со завршување на објектите на ФИНКИ и Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, Универзитетот „Мајка Тереза“. Затоа што иднината не се гради без силен образовен систем. Во здравството инвестициите во регионалните клинички болници во Тетово, Штип, Кичево значат подобра здравствена заштита, современи услови и достоинствен третман за секој граѓанин - наведе Мицкоски. 

Во дигиталната трансформација, дополни, поставуваме темели на модерна држава преку воспоставувања владин податочен центар, сигурна мрежа и зајакната кибербезбедност. Тоа е основа за ефикасна, транспарентна и дигитална администрација. Во земјоделството и водостопанството инвестициите во системите, како Злетовица, Стрежево и ревитализацијата на водните ресурси, се инвестиции во стабилноста на производството и сигурноста на храната. Во енергетиката, преку проектите на АД ЕСМ, ја зајакнуваме енергетската независност со нови капацитети, обновливи извори на енергија, батериски системи и модернизација на постојната инфраструктура. Ова е борба за сигурна и достапна енергија за граѓаните и стопанството. 

Формиран врз основа на Законот за буџетите, Комитетот за јавни инвестиции работи во согласност со уредбата за управување со јавни инвестиции.

МИА

Ново на Сител