Министерот за здравство и ги одзеде ингеренциите на Стоматолошката комора поради сериозни пропусти
Министерот за здравство и ги одзеде ингеренциите на Стоматолошката комора. Од денеска надлежностите за лиценцирање ги презема министерството. Азир Алиу тврди дека има документи кои покажуваат сериозни пропусти во работењето на Комората. Според неговите информации биле менувани неподобните делегати со други членови, а имало и сомнежи за финансиски криминал.
- Се вршеле едукации преку нерегистрирани здруженија и сертификати кои неправилно се користеле за продолжување лиценци; се склучувале договори ретроактивно, спротивно на законот; најдени се одлуки и документи без потпис и со невалидна документација; Комората ја игнорирала привремената мерка и конечната одлука на Уставниот суд повеќе од една година, иако судот утврдил дека условите за стручно усовршување биле спротивни на закон. Исто така, има сериозни сомнежи за финансиски злоупотреби на Комората, за кои финансиската полиција истражува и има прибавено обемна документација, за која верувам дека за брзо време ќе има и епилог, изјави Азир Алиу, министер за здравство.
Алиу најави дека целокупната документација која укажувала за злоупотреби во работењето на Стоматолошката комора во понеделник ќе ги достави до јавното обвинителство. Министерот не кажа колку лиценци на стоматолози неправилно се издадени или продолжени, ниту која е сумата за сомневањата за финансиски криминал.
- Значи за тие лиценци сеуште не можеме да кажеме дека се невалидни. Значи се лиценци добиени од комората и се валидни. Процедурата ние ја анализираме и обуките кои се издадени од нелиценцирани институции за обуки, рече Азир Алиу.
Одлуката на министерот да се одземат овластувањата на Стоматолошката комора преку соопштение ја поздравија од Здружението на приватни здравствени стоматолошки установи и приватни доктори по дентална медицина, и пишуваат дека имаат подржка од факултетите и други еснавски здруженија.
Актуелниот претседател на Стоматолошката комора пак Маријан Денковски во писмен став вели:
Денеска кажаното е сосема спротивно од се што беше кажувано на нашите средби минатите денови, така да заклучокот може и самите да го донесете особено што се што беше кажано е во тотална спротивност со вистината и за што имаме и документи и писмени докази, пишува Денковски и најави дека подетални информации на пресс конференција во понеделник на пладне.
-
Александар Динев
Сите содржини од овој новинар