Министерот за здравство во заминување очекува Законот за заштита од пушење цигари да се изгласа до август
Пушењето цигари да биде дозволено во т.н приватни клубови. Ова е содржано во еден од 8-те поднесени амандмани на Законот за заштита од пушење кој е во собраниска процедура. За експертската група која го подготвува законот ова барање е неприфатливо, бидејќи тогаш намало да има ефект за да го заштити здравјето на граѓаните, а пред се младите.
Новиот закон е пред амандманска расправа на второ читање на матичната комисија за здравство, а министерот во заминување Азир Алиу очекува до крајот на месецот истиот да се донесе и да стапи на сила.
-Очекувам во наредните 2 недели законот да се изгласа од страна на пратениците и да стапи на сила, изјави Азир Алиу, министер за здравство.
По поминување на сите собраниски филтри и стапувањето во сила, законот ќе значи забрана не само за класичните туку и за електронските цигари и сите производи кои содржат никотин и тутун. Не смее да се пуши во јавни институции, приватни фирми, образновни установи, автобуски и железнички станици, на пазари и места каде има повеќе луѓе, но и во автомобил ако има малолетно дете.
Нема да има ниту рекламирање на тутунски производи а угостителите ќе имаат рок од една година да ги прилагодат терасите со најмалку две отворени страни.
Казните ќе се движат од 100 до 300 евра за физички лица, а за фирмите од 2000-5000 евра.
И последните анкети покажуваат дека голем број граѓани поддржуваат да се ограничи пушењето цигари на јавни места.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
