Македонија
7. August 2025 - 13:55

Министерство за енергетика: Објавен оглас за распределба на инвертер клими за ранливите семејства

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС) објави мерка која директно го таргетира најчувствителниот сегмент од населението ранливите потрошувачи на енергија. Со јавен оглас што стапи во сила, Министерството започнува со распределба на енергетски ефикасни инвертер клима уреди за 2025 година.

-Мерката се реализира согласно Програмата за изменување и дополнување на Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија за 2025 година (Службен весник на РСМ“ бр. 161/25). Согласно јавниот оглас за поддршка на домаќинства кои спаѓаат во категоријата ранливи потрошувачи на енергија, со цел унапредување на енергетската ефикасност и подобрување на квалитетот на живеење, домаќинствата кои ги исполнуваат условите ќе се стекнат со право на купен и вграден инвертер клима-уред со моќност од 3,5 киловати и енергетска класа од најмалку А+, информираат од МЕРМС.

Овие уреди, како што се вели во соопштението, не само што штедат електрична енергија, туку обезбедуваат и висока ефикасност за греење и ладење токму таму каде што е најпотребно.

Рокот за аплицирање е 60 дена од денот на објавувањето на огласот во дневен весник.

Повеќе информации како и потребните обрасци за аплицирање се објавени на веб-страницата на Министерството: www.energy.gov.mk .

За борбата против енергетската сиромаштија МЕРМС издвојува 170 милиони денари.

 

МИА