Македонија
3. February 2026 - 16:36

Министерство за одбрана во војна со сопствениот кадар – Ревизија откри големи пропусти

Министерството за одбрана во војна со сопствениот кадар. Државната ревизија во извештајот за 2024 година објави дека за една година Министерството исплатило 12 милиони евра само за исплата на извршни пресуди, главно од вработени кои не добивале додатоци согласно Закон.

За една година отворени биле 1221 судска постапка против Одбрана, но од 12-те милиони евра над 4 милиони се исплатени за камати и извршители, адвокатски и судски трошоци, поради лошиот менаџмент и малата правна служба која често не може ниту да се појави на рочиштата. 

Додека се плаќаат милионски казни за старите вработени, Одбрана ангажирала и 57 договорци на дело, за кои за една година биле исплатени 157.000 евра. За Државната ревизија спорно е што дел од овие работни места се предвидени во систематизацијата, но и што дел од нив се за советодавни/консултантски услуги, како протоколарни работи за организирање на настани во Кабинетот на министерот или заменик министерот. За договорците ревизорот нотира дека не постојат извештаи за сработеното.

На крајот на 2023 Министерството спровело набавка за нов телефонски систем во вкупна вредност од 1,5 милион евра. Но опремата не е инсталирана поради некомпатибилност со постоечката инфраструктура. Иако во оваа набавка биле купени 2.000 телефони, 70% седат во магацин и не се ни употребуваат.

Државната ревизија утврди пропусти и во евиденцијата на имотот со кој располага Министерството. Иако за 4 години, во периодот од 2018 до 2014 инвестирани биле 18 милиони евра во изградба и реконструкција на објекти, во списите во Министерството не е направена промена, на хартија вредноста на имото со кој располага Одбрана е на исто ниво како и имотот во 1999 година.

Дополнително, во документите на Одбрана не се впишувала ниту вредноста на вооржувањето и опремата, туку само нивната количина.