Министерството за правда и ДИК бараат решение за независните кандидати
Поранешни и актуелни членови на ДИК, истакнати професори по право се дел од експертите со кои Министерството за правда води интензивни консултации за да се најде решение за независните кандидати и учеството на изборите, брифираат извори за Сител. Иако не се откриваат никакви детали, министерот со сите имал поединечни средби во интерес да не се кочи процесот и да не се создаде правен вакум.
Од ДИК пак со непроменет став, на јавна седница до крајот на неделава ќе се усогласува ново упатство со кое ќе биде прецизирано поднесувањето на кандидатурите за независните кандидати, за да се потврди правото за учество на претстојните локални избори.
Како што беше претходно најавено, до крај на неделава ДИК ќе одржи јавна седница со повеќе прашања согласно Роковникот меѓу кои и Упатството за поднесување на кандидатски листи, согласно законските надлежности и обврски на ДИК кои произлегуваат од чл.31 ст.2 т.2 од ИЗ каде е предвидено дека ДИК дава појаснување и препораки за примена на одредбите од ИЗ во функција на правилна примена на законот, велат од ДИК.
Претседателот Кондарко за Сител појасни дека чл.60 од Изборникот законик им гарантира на независните кандидати учество на изборите без да собираат потписи.
Сител побара став и од кабинетот на претседателката Сиљановска Давкова дали и таа е вклучена во изнаоѓањето на решение по најавата на ДИК дека преку ново упатство ќе се гарантира учество на независни кандидати на изборите без да се собираат потписи. Но и дали е во комуникација со ресорниот министер околу конултациите со правните експерти. До овој момент нема одговор од Вила Водно.
-
Ивана Соколовиќ Најдова
Сите содржини од овој новинар