Министерството за правда на САД објави нови досиеја за Епстин, вклучувајќи 3 милиони документи и слики

Министерството за правда на САД синоќа објави огромна количина документи поврзани со осудениот финансиер и сексуален престапник Џефри Епстин, вклучувајќи повеќе од три милиони документи и фотографии, како и нова, помала транша записи.
Најновата објава, означена како „Сет податоци 12“, содржи нешто повеќе од 150 документи, главно повеќестранични, од кои голем дел се преписки преку мејлови, пренесува Си-Би-Ес.
Објавувањето следи откако претходно истиот ден Министерството за правда на САД ја направи достапна големата архива материјали во согласност со Законот за транспарентност на досиејата за Епстин.
Меѓу објавените документи се наоѓа и нацрт-обвинение од 56 страници кои сојузните обвинители на Флорида го подготвиле во средината на 2000-тите, а со кои Епстин требало да биде обвинет по вкупно 30 кривични точки, вклучувајќи трговија со луѓе со цел сексуална експлоатација, подведување малолетници, завера и други кривични дела.
Во документите се наведува дека во поединечни случаи жртвите биле плаќани, како и дека биле поттикнувани да регрутираат други малолетнички. Обвинението никогаш не беше подигнато, а случајот заврши со контроверзен договор од 2007 година, кој на Епстин му овозможи да избегне сојузно гонење.
Документите, исто така, содржат мејлови кои укажуваат на контакти на Епстин со бројни влијателни поединци. Објавената преписка покажува дека американскиот министер за трговија Хауард Лутник и неговото семејство престојувале на приватниот остров на Епстин во 2012 година, иако Лутник претходно тврдеше дека ги прекинал односите со Епстин уште во 2005 година. Неговиот портпарол наведе дека Лутник никогаш не бил обвинет за незаконско однесување.
Мејлови од 2018 и 2019 година покажуваат дека Епстин им подарил „Хермес“ и Епл часовници на поранешниот советник на Трамп, Стив Бенон и на неговиот син, како и дека Бенон учествувал во неуспешниот обид на Епстин да го поправи својот јавен имиџ преку планиран документарен филм.
Посебна преписка открива дека Епстин поврзувал жени со косопственикот на американскиот фудбалски тим Њујорк Џајантс, Стив Тиш, со детални и експлицитни коментари за нив. Тиш во изјавата наведе дека жали поради контактот со Епстин и дека никогаш не го посетил неговиот остров.
Меѓу објавените имејлови е и пораката од 2015 година во која тогашната советничка на Белата куќа, Кетрин Румлер напишала дека го „обожава“ Епстин. Румлер подоцна јавно изјави дека жали што некогаш го запознала.
Новообјавените судски документи покажаа и дека американскиот милијардер Илон Маск имал пообемна и поблиска комуникација со Епстин отколку што е познато и дека тие разменувале пријателски мејлови.
Документите покажуваат и дека поранешниот британски принц Ендрју Маунтбатен-Виндзор присуствувал, заедно со други познати личности, на интимна вечера со Епстин, неколку месеци откако тој бил пуштен од затвор.
Министерството за правда на САД соопшти дека при објавувањето на документите поврзани со Епстин не оштетило ниту едно лице, вклучувајќи го и американскиот претседател Доналд Трамп. Министерството наведе дека објавувањето на документите ќе продолжи во согласност со законот, со затемнување на чувствителните податоци, посебно оние кои се однесуваат на жртвите.
Новиот материјал е објавен откако Министерството за правда го проби рокот за доставување на сите документи предвидени со Законот за транспарентност на досиејата на Епстин, кој е потпишан на 19 ноември и со кој на државната обвинителка на САД, Пем Бонди ѝ е даден рок од 30 дена да ја објави комплетната архива на тоа министерство во врска со Епстин.
Ново на Сител
-

Граѓаните од струмичко од понеделник можат да поднесуваат барања за проценка на штетата направена поради поплавите
-

Ѓоковиќ донесе одлука – нема да се појави на терен
-

Од утре „Сејф сити“ почнува да казнува, МВР со апел да се почитуваат правилата
-

Од 1 февруари почнува сезоната за спортски риболов на водите во НП „Маврово“
-

Приведени двајца турски државјани поради криумчарење мигранти
-

Данска го совлада Исланд за финале против Германија
-

Министерството за правда на САД објави нови досиеја за Епстин, вклучувајќи 3 милиони документи и слики
-

Најмалку 12 Палестинци загинаа во израелски напади во Газа
