Македонија
10. July 2019 - 21:44

Министерството за здравство проверува како биле ангажирани млади лекари во дебарската болница

Министерството за здравство проверува дали во дебарската болница биле давани решенија за вработување без лекарска лиценца? Министерот Венко Филипче уште вчера ги побарал сите документи како биле ангажирани 4-ца доктори, по обелоденувањето на случајот дека една од нив работела за 15.000 денари месечно без платени придонеси, а извесен период немала ниту лиценца од комората.

- Ги побаравме од директорот на Дебарската болница сите документи, како е постапено по конкурсот што пропадна, како се потпишани договорите, каква лиценца имала докторката и другите лекари кои имале договор,сакаме да направиме анализа дали се почитувани сите закони и согласно со тоа ќе преземеме соодветни мерки, изјави д-р Венко Филипче, министер за здравство.

Случајот со платите во дебарската болница е во период кога се повеќе млади лекари заминуваат на работа во странство. Само годинава тоа го направиле околу 200 доктори.  Министерот Филипче вели дека преземаат мерки за да ги задржат во земјава и платата немало да биде 250 евра.

- Платата сега на огласите во примарна здравствена заштитае 30.000 денари, додаде Филипче.

Паралелно министерството и Фондот за здравство договориле секој доктор кој завршил факултет и има лиценца наместо задолжителната пракса од 6 месеци во Брза помош, пунктовите за вакцинација или домашна посета да може да продолжат да работат на неопределено време.