Кошарка
4. August 2015 - 18:27

Мирковски: Со агресивна одбрана и добра игра до успешни резултати

Македонската кадетска кошаркарска репрезентација од четврток ја очекуваат настапите на Европското првенство Б дивизија што се игра во Софија, Бугарија. Македонија се наоѓа во групата Д и за ривали ги има селекциите на: Украина, Португалија, Исланд, Шведска и Естонија.

Пред утрешното заминување за Софија беше одржана и прес конференција на која селектрот Владимир Мирковски истакна:

-Одработевме добри подготовки каде одигравме шест квалитетни натпревари со домаќинот на шампионатот каде ќе играме ние Бугарија, Романија и Израел. Станува збор за хомогена репрезентација и сметам дека тоа е клуч на успехот. За да постигнеме добри резултати ќе мораме да бидеме пред се агресивни во одбраната, тоа е нана предност, бидејќи хендикеп ќе ни претставува „висината“. 

За ривалите во првата фаза од шампионатот Мирковски изјави:

-Украина со која играме на стартот е вистинска енигма и немаме никакви информации за нив. Шведска и Естонија се селекциите кои имаат квалитет и ќе бидат незгодни ривали за сите репрезентации.

На шампионатот во Софија поради повреда добиена на последниот тренинг нема патува Роберт Стојанов, додека заменик капитенот Мартин Трусунов изјави:

- Имавме тешки подготовки. Не ветуваме пласман, но можам да кажам дека на секој натпревар ќе дадеме максимум.

Распоред на натпреварите:

6.август (четврток): Македонија – Украина (почеток 19:30 часот)

7.август (петок): Македонија – Португалија (19:30 часот)

8.август (сабота): Македонија – Исланд (17:15 часот)

9.август (недела): Македонија – Шведска (12:45 часот)

10.август (понеделник): Македонија – Естонија (17:15 часот)

Трите првопласирани селекции на шампионатот ќе се пласираат во А дивизијата. Двете први репрезентации од групите (има четири) ќе играат за пласман од 1-8.место, трето и четвртопласираните од групите ќе играат за пласман од 9-16.место, додека петто и шестопласираните ќе играат за пласман од 17-24.место.