Македонија
14. August 2025 - 16:46

Младата Вања апелира министерството да обезбеди инсулински пумпи на сите пациенти со дијабетес Т1 на кои им е потребна

Младата неготинчанка Вања Јованова веќе 19 години секојдневно води битки со високиот шеќер во крвта. На три годишна возраст и дијагностицирале дијабетес тип 1. Од тогаш е на инсулин, но имала периоди кога гликемијата знаела да и се покачи на 46 mmol/L,  дури 7-8 пати над дозволеното. 

- Секој ден е нова борба, со високи гликемии и високи бројки на апаратчето, вели Вања Јованова

И покрај редовната терапија гликемијата не се регулирала и многу често завршувала во болница каде со денови не можеле да и го регулираат шеќерот. За да може да живее нормално и да избегне слепило и сериозни оштетувања на други витални органи, единствен спас гледа во инсулинска пумпа од министерството за здравство која ја чека веќе две години.

- Јас сум на инсулин и бидејќи подолго време сум на инсулин тој не може да ми пшомогне кога шеќерот ќе ми се покачи, тоа се денови поминати во болница. Едноставно и сите доктори ми кажаа дека морам да носам инсулинска пумпа и се решив да аплицирам што беше доста тешко и кога аплицирав немав никаков одговор. Одам на редовни контроли на ендокринологија и моите докторки прават се што е до нив. Одговорот е секогаш дека списокот е долг и дека треба да чекам. Ја чекам више 2 години, вели младата Вања Јованова.

На прашањето до министерството за здравство дека пациенти со дијабетес очајнички бараат инсулински пумпи добивме одговор дека во моментот вакво помагало користеле 300 лица и со годинешната набавка на инсулин имало зголемување за 30 отсто. А во државата има околу 3500 граѓани со Тип 1.

- Министерството за здравство постојано прави напори да ја задоволи потребата на пациентите со тип 1 дијабет од инсулински пумпи и сензори за континуирано мерење, со зголемување на нивниот број, согласно одобрените буџетски средства, велат од мз.

Но, 22 годишната Вања е револтирана што вакви пумпи добивале и повозрасни и лица кои не исполнувале ниту еден критериум туку имале врски. Таа апелира министерството да ги обезбеди на сите пациенти со дијабетес тип 1 кои имаат потреба.

- Апел до министерството за здравство да обезбеди инсулински пумпи, не само за мене туку и за другите лица со дијабетес на кои им е потребно, бидејќи е неопходна за живот. Животот не е список, инсулинските пумпи не се луксуз тоа е нешто што е неопходно за човечки живот, порачува Вања.

Инсулинската пумпа е поврзана со сензорот кој алармира дали и колку гликемијата е покачена или намалена и кога има потреба од инсулин самата ја пушта потребната количина, а со тоа се избегнуваат боцкањата.