Многу блиску сме до одлука сами да го градиме Чебрен и Галиште, тоа е стратешки проект за државата, вели Мицкоски

Премиерот Христијан Мицкоски смета дека реализацијата на проектот Чебрен и Галиште е стратешки проект не само за Македонија како држава, туку и за регионот. Освен зголемувањето на производството на енергија, смета дека можеби многу поважно е и што со него ќе се создадат два резервоара на питка вода. Затоа, вели, државата треба да се обиде да смогне сили и сама да го финансира овој проект по неколку неуспешни обиди за приватни партнерства и тендери. Според него, можеби ова е амбициозна најава, но не и невозможна и, како што нагласува, многу блиску се до конечна одлука државата сама да го гради овој проект.
- Една од иницијативите што ја имаме е сами како држава да го градиме целиот тој комплекс на централи на реката Црна над постоечката Тиквеш, во јавноста познат како проект Чебрен и Галиште. Направивме пресметки и цениме дека ова е стратешки проект, не само за Македонија како држава, туку и за регионот, рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање по поставување камен-темелник на доградба на училиште во Ѓорче Петров.
Досега, вели, имало многу неуспешни тендери, обиди за приватни партнерства, процеси поврзани со многу сомнежи.
- Доколку успееме да формираме синдикат на меѓународни финансиски институции, а разговорите се во таа насока, тогаш реално е да се очекува дека следната година ќе ставиме камен темелник на овој, би рекол, историски проект. Има многу причини за кои верувам и јас и колегите во Владата и во компанијата АД ЕСМ, поранешна ЕЛЕМ, дека треба да се обидеме, народски кажано, да стиснеме заби да го изградиме сами овој проект. Имајќи ги предвид климатските промени убеден сум дека не само на Македонија како држава, туку и во регионот ќе им требаат два резервоара за питка вода. А токму тие се тие акумулации, таков тип на резервоари, така што производството на електрична енергија можеби и не е примарен предизвик, можеби терцијален или четврти по ред, рече премиерот Мицкоски.
Тој додаде дека овие количини вода, имајќи предвид оти од постоечката хидроцентрала Тиквеш се наводнуваат некаде околу 60 илјади хектари земјоделско земјиште, а фармерите од тој регион најмногу се занимаваат со производство на грозје, на вино, ... само можат да го помогнат тој процес, па дури потоа да се зборува за производство на електрична енергија.
МИА
Ново на Сител
-

Стефан Богоев излегува од притвор, судот ја прифати гаранција од 55 илјади евра
-

Груевски: Ретко демантирам, но никогаш не сум се сретнал и не сум разговарал со Александар Маленко
-

Предлог законот за заштита од пушење го помина првиот собраниски филтер
-

Една година затвор за Стевчо Јакимовски, Апелациониот суд ја потврди казната
-

Безживотно тело на битолчанец извлечено од реката Драгор
-

Приведени осум возачи за безобѕирно управување возило, седум возеле без возачка дозвола, а еден со активна забрана
-

71-годишник починал по несреќа со трактор
-

Тело на 70-годишна жена пронајдено кај реката Лепенец
