Модернизација и поголема финансиска поддршка, услови за напредок на македонското земјоделство
Македонското земјоделство мора да се модернизира за да биде поконкурентно на домашниот и меѓународниот пазар. Иако националната програма за финансиска поддршка е релативно добро искористена, европските фондови што им стојат на располагање на индивидуалните земјоделци се уште се користат во многу мал обем.
Според Стеванче Јордановски, претседател на Федерацијата на фармери, главните пречки се недоволната информираност, обемната документација и најмногу, недостатокот на финансиски средства. Тој посочува дека без поволни кредити со пониски каматни стапки, земјоделците немаат реална можност да аплицираат и да ги искористат европските пари.
Потребата од едукација ја нагласува и Драги Памуков од земјоделската задруга Веге Фреш. Тој смета дека еден од клучните начини за полесен пристап до фондови е здружувањето, по примерот на земјоделците од развиените европски држави.
Претставниците на земјоделските организации нагласуваат дека важна улога во модернизацијата и поддршката на секторот мора да имаат и институциите. Тие треба да преземат поголема одговорност за насочување на земјоделците и да им помогнат при користењето на достапните програми и фондови.
Како дополнителна мотивација, посебно за младите, потребна е не само едукација, туку и таргетирана финансиска поддршка. Пример за тоа е владината најава за помош за млади брачни парови кои ќе се вратат во руралните средини и ќе започнат со земјоделско производство.
-
Зоран Ѓеогриев
Сите содржини од овој новинар