Македонија
4. April 2026 - 16:44

МОН најде приватен институт во обложувалница, со два душеци и две столчиња

Министерството за образование открило приватен институт во обложувалница. Станува збор за институт за биометрсиски истражувања, кој бил регистриран и требало да врши научно истражувачка дејност, но при проверките, министерството нашло дека се наоѓа во задните простории на казино, со два душеци и две столчиња. Институтот е затворен по проверката.

Овој пример министерката го посочува како доказ дека е потребен новиот закон за високо образование, кој во понеделник треба да влезе во владина процедура. Јаневска вели дека се земени предвид сите забелешки. Се што дополнително ќе стигне до задутре, ќе биде разгледано. Најголемиот дел од забелешките влегоа во пакетот закони. Но за приговорите на приватните факултети дека треба да имаат вработено пет доктори на науки, наместо двајца како досега, министерката вели дека по сериозна анализа тоа се мерки за да се подобри високообразовната дејност во земјата.

Да, може да е тешко да се обезбедат 10 доктори на науки,  но со оглед на тоа дека продукцијата на доктори беше висока, им препорачувам да си најдат од тие што чесно ги завршиле тие студии, да си вработат луѓе, наместо да ги злоупотребуваат – денес ги примаат 10, поминува институционалната акредитација, по два дена отпуштаат 5, тоа истотака не е во ред и за тоа сме свесни.

Според премиерот, досегашниот закон го уништил високото образование. Професорите кои сакаат да се занимаваат со високонаучна дејност, треба тоа да го прават, а не да им е хоби, вели Мицкоски.

Претседателот на СДСМ вели ваквиот закон има многу пропусти и нема да го поддржат. Ќе дебатираат и ќе поднесат амандмани во Собранието. Филипче вели потребни се промени, но во моментов државата нема капацитет да ги спроведе.

Откако новиот закон за високообразование ќе биде усвоен на Влада, ќе биде доставен пред пратениците во Собранието.