Може ли текстилниот отпад наместо загадувач да стане енергенс?
Модната индустрија е еден од најголемите загадувачи на животната средина. Македонските текстилни компании продуцираат повеќе од 6000 тони текстилен отпад на годишно ниво.
-Текстилниот отпад се создава во текот на производствениот процес и истиот, ние како економски оператори имаме обврска да го раздолжиме, односно уништиме под царински надзор- изјави Маријана Ацевски-Томовска ТК„Златекс“-Скопје.
Текстилните компании, се соочуваат и со проблем за складирање на отпадот.
-Оние компании кои се просторно ограничени имаат проблем за собирање, затоа што иако е отпад, ние мораме да го складираме некаде на затворено- изјави Љупка Миладинова-Џамбазовски, ТК „Албатрос“-Штип.
До пред извесен период целиот текстилен отпад завршуваше на депониите. Меѓутоа, со реализација на регионалниот проект “Енергија од отпад за цементната индустрија од Западен Балкан“, со поддршка на Германското друштво за меѓународна соработка, се создадоа услови за користење на индустриски текстилен отпад како алтернативно гориво во цементарница.
Со овој проект, го правиме тоа на начин, што го носиме текстилниот отпад во цементарница „Усје“ , каде што се согорува со многу висока температура и с епретвора во гориво, а при тоа не испушта штетни гасови во воздухот. Втор бенефит е тоа што во соработка со Царинската управа е поедноставена постапката за уништување на текстилниот отпад и не помалку важен бенефит е тоа што се намалени трошоците- изјави Ацевски – Томовси
-Овој проект е многу важен, зошто е прва можност во нашата земја текстилниот отпад да се рециклира- додаде Миладинова- Џамбазовски
Директните увозници имаат капацитет да собираат и транспортираат отпад, но малите произведувачи зависат од организаторите.
-Носењето на отпадот до цементарница треба да го организираат самите компании, така што тоа би требало да се врши редовно, а сега со новите зголемени трошоци, сепак тоа ќе биде малку поголем товар за компаниите- изјави Миладинова- Џамбазовски
Се уште е потребна институционална поддршка за да може проектот да заживее на целата територија, а конфекционерите сметаат дека ова е одлична бизнис идеја која ќе допринесе за чиста и здрава средина.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар