Македонија
27. July 2022 - 16:45

Можна ли е епидемија на морбили? Опфатот на вакцинирани далеку под потребниот процент

Со само 70 проценти опфат со МРП вакцината во 2021 година, земјата пред сериозна закана од појава на епидемија со морбили. Застрашувачки се бројките и податоците од Институтот за јавно здравје дека лани има мало зголемување во споредба со 2020 кога опфатеноста била едвај 63 проценти. Од здружението на педијатри апелираат родителите да не го загрозуваат здравјето на децата зашто се уште не знаат што значи мозочен енцефалитис од морбили и стерилитет од заушки.

На одговорност повикуваат и лекарите од вакциналните пунктови.

-Поради целокупната пандемија опфатот со имунизација ни е намален и затоа силно апелирам до родителтие да ги донесат децата во вакциналните пунктови, секако почитувајќи го календарот за вакцини и секако за МРП вакцината, вели спец. др. Даниела Марковска, поликлиника Јане Сандански.

Дека состојбата е загрижувачка потврдуваат и здравствените власти.

-Нискиот опфат со МРП вакцината во 2020 и 2021 година, го зголемува бројот на осетлива популација за заболување од мали сипаници, а со тоа го зголемува ризикот од појава на епидемија на мали сипаници, велат од МЗ.   

Во 2019 во Македонија беше прогласена епидемија со морбили и најмладата жртва која почина од комликации од заразата беше 6 месечно бебе. И тогаш и сега, антивакциналните кампањи и одолговлекувањето со вакцинација се причина за намалување на опфатот.

-Ги повикуваме по неколку пати, но не доаѓаат....Сега се и летни одмори, но се уште има отпор и родителите чекаат да прозбори, да наполни 2 години, да прооди, па пред да тргне во градинка, вели др. Марковска.

Неопходна е посилна кампања и нова стратегија со рушење на митовите за задолжителната вакцинација, апелираат педијатрите.