Муцунски: Во Западен Балкан сè уште постојат безбедносни ризици, регионот и понатаму треба да биде во фокусот на НАТО

Западниот Балкан останува област во Европа во која постои сериозно злонамерно влијание од надворешни фактори и каде што сè уште постојат безбедносни ризици, а регионот и понатаму треба да биде во фокусот на НАТО, порача меѓудругото министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, кој изминатите две дена учествуваше на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО, што се одржа во Хелсингборг, Кралството Шведска.
Во рамки на состанокот, како што соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, биле разменети мислења за повеќе актуелни глобални безбедносни предизвици, со посебен акцент на подготовките за Самитот на НАТО во Анкара, што ќе се одржи во јули оваа година.
Фокусот на дискусиите бил ставен на имплементацијата на одлуките донесени на минатогодишниот Самит на НАТО во Хаг, особено во делот на зголемените инвестиции за модернизација на одбраната и одбранбените капацитети, како и на целосната и ефективна имплементација на обврските преземени во рамки на Планот за одбранбени инвестиции. Притоа била нагласена заедничката заложба за нивно исполнување со цел натамошно зајакнување на колективната одбрана и капацитетите за одвраќање на Алијансата.
Министерот Муцунски ги пренел приоритетите и активностите на Владата во исполнувањето на заедничките обврски преземени на Самитот во Хаг, со посебен акцент на зајакнувањето на домашните капацитети и способности преку соодветно и зголемено финансирање на одбраната, со цел унапредување на придонесот на државата во колективните одбранбени напори на Алијансата.
Во однос на заедничките напори за зајакнување на колективната одбрана и одвраќање, Муцунски ја нагласил и важноста од натамошен развој и модернизација на одбранбената индустрија, преку зголемување на одбранбеното производство, како и модернизација на индустриските капацитети, како значаен приоритет за посилна Европа во рамки на посилно НАТО.
Во оваа насока, министрите ја нагласиле потребата од продлабочување на соработката и координацијата меѓу сојузниците, со цел натамошно зајакнување на трансатлантските врски и демонстрирање на единство во справувањето со новите глобални безбедносни предизвици.
Во однос на Украина Муцунски ја реафирмирал континуираната поддршка за земјата, како и важноста од обезбедување континуитет и предвидливост на помошта, паралелно со напорите за изнаоѓање праведно решение за воениот конфликт.
Актуелните состојби во Јужното соседство исто така биле предмет на дискусија, при што министерот ја нагласил потребата од зајакнат и координиран пристап меѓу сојузниците, како и важноста од соработката со партнерите од регионот и блиската координација со Европската Унија во справувањето со актуелните безбедносни предизвици.
Во овој контекст било потврдено значењето на партнерскиот дијалог и продлабочената соработка со стратешките партнери на Алијансата, како важен предуслов за обезбедување стабилност и безбедност на евроатлантскиот простор.
МИА
Ново на Сител
-

Кругови со оган, факели, прскалки и пиротехника низ годините се користеле во „Пулс“
-

Цариници запленија 500.000 евра на Табановце
-

Измамникот од Охрид осуден на 5 и пол години затвор
-

Пазарна утврди дека храната не поскапела, синдикалната кошничка пониска за 54 денари
-

Власта ќе го одблокира заемот од 260 милиони евра што го блокираше СДСМ
-

Денот на пожарникарите скопската бригада го слави со сериозен недостиг на кадар
-

ВМРО-ДПМНЕ бара свикување на Комисијата за финансирање и буџет
-

Царината заплени 500.000 евра
