МВР денеска ги тестира камерите за „Безбеден град“ во Куманово и Тетово

Министерството за внатрешни работи денеска во рамки на проектот „Безбеден град“ ќе спроведува активности за тестирање, калибрација и верификација на поставените уреди (камери) за сообраќаен надзор на подрачјето на градовите Куманово и Тетово.
Како што се наведува во известувањето од МВР, активностите ќе се реализираат во временскиот интервал од 08:00 до 20:00 часот, при што на секоја локација со поставена камера постапката ќе се изврши еднократно и ќе трае кратко, приближно од 15 до 30 минути.
Од МВР информираат дека за време на спроведувањето на активностите на конкретната локација, сообраќајот привремено нема да се пропушта додека трае постапката, по што ќе продолжи да се одвива нормално.
-Ги повикуваме граѓаните и сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат привремените ограничувања, како и да покажат разбирање, трпение и соработка со цел непречено и безбедно реализирање на планираните активности, се наведува во соопштението.
Началникот на СВР Скопје, Сашо Топаловски вчера истакна дека возењето во главниот град е значително смирено по тест‑периодот на системот „Безбеден град“. Тој истакна дека граѓаните веднаш го намалиле бројот на прекршоците со воведувањето на опомените, а новиот систем ќе регистрира четири клучни прекршоци кои најмногу ја загрозуваат безбедноста во сообраќајот: брзо возење, поминување на црвено светло, нерегистрирани возила и неправилно паркирање.
- Преку опомените народот многу брзо изреагира во тест-периодот. Беше известен, знаеше што претстои и веднаш го смири своето возење, го смири начинот на возење. Со тоа покажавме дека можеме да бидеме исто како Германците, Австријците, како сите други земји што го имаат тоа инкорпорирано во својот систем – и ние да го почитуваме, изјави Топаловски во подкастот „Радар“ со Сотир Костов.
Тој нагласи дека реакцијата била толку брза што бројот на прекршоци се намалил за повеќе од три пати.
- На почеток имавме преку 110 илјади прекршоци. Нема систем и институција што може да го обработи тоа. Но народот – за два дена – го спушти бројот на 30 илјади. Толку е нашиот паметен народ. На самата опомена, на самиот тест, го намали нивото на брзо возење, додаде тој.
Тој додаде дека остануваат и другите сообраќајни прекршоци за кои и досега се казнувало, како неносење сигурносен појас или користење мобилен телефон при возење, но преку „Безбеден град“ ќе се регистрираат само четирите приоритетни категории.
По донесувањето на Законот за прекршоци во Собранието, позната е и сумата на глобите што граѓаните ќе ги плаќаат доколку кои не ги почитуваат сообраќајните правила.
За санкционирање на пречекорувањето на дозволената брзина, глобата ќе зависи од тоа колку километри на час над дозволената брзина некој вози. За пречекорување до 20 километри на час, глобата е 20 евра. за 20 до 30 километри на час над дозволената брзина според законското решение е предвидено да плати 45 евра глоба. За пречекорување на дозволената брзина од 30 до 50 километри на час казната е 300 евра и забрана да управува со возило од 3 до 12 месеци. За пречекорување над 50 километри на час глобата е 400 евра, 4 казнени поени и забрана за управување со моторно возило од најмалку една година. Во населено место, казните се построги и може да достигнат и 500 евра, со задолжителна забрана за управување.
За сообраќајниот прекршок минување на црвено светло, системот автоматски ќе изрекува глоба од 250 евра и забрана за управување со моторно возило од три до 12 месеци. Кривична одговорност е предвидена ако прекршокот предизвика опасност или сообраќајна незгода.
Ако се управува возило со истечена сообраќајна дозвола казната е 100 евра за возачот, а сопственикот на возилото ќе плати 250 евра.
За непрописно паркирање или запирање на забрането место предвидена е казна од 30 евра за стандардни прекршоци, 45 евра ако возилото го попречува сообраќајот и 50 евра ако е паркирано на место за лица со попреченост.
Доколку казната се плати во рок од осум дена, сторителот плаќа половина од износот. После овој рок мора да се платат 100 проценти од износот со можност за присилна наплата. Возач кој ќе добие три забрани за управување на моторно возило во рок од четири години, автоматски ја губи возачката дозвола. Повторно полагање е можно најрано после една година.
Собранието во петокот со 81 глас „за“, 19 „против“ и без воздржани го изгласа Законот за изменување и дополнување на Законот за прекршоците, по скратена постапка. Со ова, се отвори патот од 1 февруари да стартува системот за автоматско снимање и санкционирање на сообраќајни прекршоци „Безбеден град“, насочен кон превенција, зголемена безбедност во сообраќајот и заштита на човечките животи.
МИА
Ново на Сител
-

Едно лице почина, две тешко повредени во три сообраќајни несреќи
-

Родители на убиениот медицински техничар во Минеаполис тврдат дека администрацијата на Трамп „одвратно лаже“
-

Анкета: Повеќе од 60 отсто од Германците го доживуваат Трамп како закана за Германија
-

Орбан му порача на Зеленски: Унгарија нема да дозволи да биде заплашена
-

Под влијание на циклонска активност, од вечер врнежи од дожд, наместа и над 30 литри на квадратен метар
-

Тошковски: „Безбеден град“ го развиваме со единствена цел - зголемување на безбедноста во сообраќајот и намалување на незгодите
-

Од денеска се ограничува слободата на движење на руските дипломати во Европската Унија
-

Ноем: Човекот кој беше застрелан во Минесота бил вклучен во насилни немири
