Македонија
14. April 2026 - 16:31

МВР најави 24 часовен „радарски маратон“

Од утревечер на полноќ па во наредните 24 часа македонските сообраќајници ќе бидат “преплавени” со радари. Во оваа деноноќие непрекинато ќе се спроведуваат засилените контроли за мерење на брзината на движење по патиштата низ целата држава. Покрај 24-часовниот маратон, акцијата ќе продолжи и до крајот на неделата. Како што соопштија од МВР на овој начин македонската сообраќајна полиција се приклучува на европската акциска контрола која ја спроведуваат сите членки на Европската мрежа на сообраќајни полиции – РОАДПОЛ.

- Брзото возење останува една од водечките причини за сообраќајни незгоди со тешки и смртни последици на нашите патишта. Затоа мораме да делуваме постојано, изјави Гоце Андреевски, портпарол на МВР.

За време на продолжениот празничен викенд при редовни сообраќајни контроли казнети се 1303 возачи, една третина од нив не ја почитувале пропишаната брзина на движење, а 26 лица возеле пијани.

- Лишени од слобода за безобѕирно управување на возило биле 57 лица, од кои шест за возење под дејство на алкохол, 23 за возење без возачка дозвола, четири поради претходно изречена забрана за управување на возило.  Во истиот период одземени се 22 возила по член 300-б од Кривичниот законик, изјави Андреевски.

Викендот сообраќајната полиција казнила и 19 возачи на мотоцикли за неносење заштитен шлем.