На 1 септември стартува првата линија “Градски воз” од Зелениково до Транспортен центар
Со почетокот на учебната година ќе стартува и првата линија од проектот “Градски воз” од Зелениково до Транспортниот центар. Реконструирани се 65 проценти од 25 –километарската пруга која поминува во Драчево, Ново Лисиче, Кисела Вода, Аеродром и Нова железничка станица.
Планирано е возовите да сообраќаат на 1 час , а вечерните часови поретко, со брзина до 90 километри на час.
-Во овој момент тие се заменуваат со бетонски прагови коишто беа залихи од претпријатието од пред една или две декади. Пртитоа, со нивното искористување на оваа делница ќе постигнеме возење до проектирана брзина некаде и до 80-90 километри на час, за разлика од сега кога се вози со 20 до 30 километри на час, изјави Синиша Ивановски, Директор на ЈП МЖ Инфраструктура.
Според надлежните за цената на билетот дополнително ќе се разговара, но да не биде повисока од таа која што сега ја има ЈСП за најодалечените дестинации. Покрај оваа фаза останатите две од Градскиот воз планирано е да завршат до крајот на 2027-ма година.
-По завршување на оваа фаза да оди фазата која што оди од Нова железничка, преку Маџари до Илинден и потоа третата фаза која што оди од Нова железничка преку Бутел, Скопје Север, Волково, Ѓорче Петров и завршува во Сарај.Имајќи предвид дека ЈП Железници инфраструктура доста напредува со проектирањето и работат побрзо од што беше планирано и очекувано, очекуваме во текот на оваа година да се распише јавен повик, односно тендер за двете делници заедно, што значи дека ќе го скратиме рокот на комплетно завршување на проектот за „Градски воз“ за најмалце една година, односно на крајот на 2027 веќе ќе ги имаме трите линии функционални, изјави Александар Николоски, вицепремиер и министер за транспорт.
Николоски најави дека возниот ред ќе се усогласи со ЈСП, со цел да можат автобусите на јавното претпријатие да ги преземаат патниците од станиците, а со БРТ очекува до 2029 година целосно нова состојба со градкиот превоз во главниот град. Градоначалникот најави дека наскоро ќе ги објави деталите за проектот и ги негираше информациите дека ќе уништува средишното зеленило на булеварите.
-Не само што ќе остане оваа зеленило, ќе има и ново зеленило од страните, најави Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на Град Скопје.
Инаку јавниот градски превоз со години е еден од најгорливите проблеми за граѓаните во главниот град.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
