Македонија
10. April 2026 - 17:58

Над 16 000 македонски државјани заминале преку „Богородица“ и „Табановце“ за едно деноноќие

На Граничниот премин „Богородица“ од вчера напладе до денеска напладне излез од државава оствариле 6864 македонски граѓани, а излез  1394. Во истиот период регистриран е влез во државава на 4.753 странски државјани и излез на 5070, информираат за МИА од Министерството за внатрешни работи, по денешниот старт на целосната имплементација на  новиот дигитален систем на Европската унија, EES, за влез и излез од Шенген - зоната.

Преку ГП „Табановце“ од 12:00 часот вчера до 12 часот денеска е регистриран излез на 9150 македонски државјани, а влез на 3158 . Што се однесува до странските државјани во истиот период влез во нашата држава оствариле 7360 а ја напуштиле нашата држава  5449 лица.

Во истиот период преку ГП „Дојран“ излегле 546 македонски државјани, а влегле 241. Влез оствариле и 1212 странски државјани, а излез 1114.  Преминот „Меџитлија“ во тој период за излез го искористиле 831 македонски државјани, а за излез 129. Преку тој граничен премин во државава влегле  3347 странски држајни, а излегле 3038. 

Од ГП „Дојран“ велат дека првиот ден од почетокот на новиот дигитален систем на Европската унија, се одвива без поголеми задржувања и оти сообраќајот се одвива нормално и покрај тоа што е продолжен викенд.

- Нема посебно зголемување на бројот на евидентирани возила, за разлика од другите денови. Се чека до пет минути на македонската, и 10 до 15 минути на грчката граница. Првиот ден од имплементацијата на новиот систем поминува без проблеми, соопштија од ГП Дојран, од каде велат дека иста е состојбата и со граничниот премин Богородица во Гевгелија.

Според Министерството за внатрешни работи, од страна на Граничната полиција на нашата држава  преземени се сите потребни мерки и активности, односно ставени се во функција сите расположливи материјално-технички и човечки ресурси, со цел обезбедување брз и непречен проток на патници на нашите гранични премини.

- Граничната полиција ќе постапува со засилена ангажираност на терен, континуирано ќе ја следи состојбата, ќе презема соодветни мерки за одржување на проточноста на сообраќајот и ќе ги информира граѓаните за сите важни информации поврзани со примената на системот, информираа од МВР.

Со оглед дека новиот електронски систем на ЕУ - EES, беше во функција на влезните гранични премини во Шенген зоната и претходно, голем број од професионалните возачи се регистрирани во него, според претседателката на „Макамтранс“ Билјана Муратовска,  не се очекуваат зголемени застои и тесни грла на граничните премини за товарниот сообраќај од вообичаените, што, потенцира, не е случај со превозот на патници и патничките возила.

- Насоките за професионалните возачи, но и за вработените во превозните трговски друштва е редовно следење и броење на денови на престој во последните 180 дена, со правилно организирање на соодветна динамика за безбедно користење на превозните средства, со цел да не се појават проблеми и застој на територија на Шенген зоната, вели Муратовска.

Таа појаснува дека од 10 април ќе започне комбинирано броење на денови за престој особено за професионалните возачи, што значи се до истекување на 180 дена  (10 октомври) ќе се користат податоци од електронскиот систем, но ќе се бројат и печатите евидентирани во патните исправи се додека не се овозможи добивање на работни визи од одредени држави со кои ќе се надминат проблемите до дефинитивно усвојување на новата  Визна стратегија, каде возачите се признаени како професионалци.

Со целосната имплементација на системот за влез во Европската Унија на надворешните граници на ЕУ се воведува нов, дигитализиран начин на евиденција и контрола на државјани кои патуваат за краткорочен престој, а се од држави кои не се членки на ЕУ.

Со воведувањето на овој систем, влезовите и излезите се евидентираат електронски, а системот ќе овозможи обработка на основни биометриски податоци (отпечатоци од прсти и фотографија), со цел побрза идентификација и поефикасно следење на дозволениот престој согласно правилото „90 дена во период од 180 дена“ со што времето на задржување на граничните премини за влез во ЕУ би се зголемило.

 

миа