Loading Video...
Свет
27. August 2026 - 12:26

Над 160 загинати и илјадници исчезнати во катастрофалните поплави на Хималаите

Расте бројот на загинати и повредени во катастрофалните поплави на Хималаите. Според последните официјални податоци, најмалку 168 лица го загубија животот, а повеќе од 300 се тешко повредени во катастрофалните поплави и одрони што го погодија граничниот регион меѓу Непал и кинескиот автономен регион Тибет.

Над 1.500 луѓе сè уште се водат како исчезнати. Непогодата настанала по ненадејно срушување на голем дел од ледник и карпи на високите планински масиви. Ова предизвикало масовна лавина од кал и камења која се слила во реката Лхенде и создала ефект на „внатрешно цунами“.

- Навистина е преплавувачки и тешко. Како што повеќето од вас веројатно веќе знаат, вчера нè погоди многу разорна поплава во планинските делови на Непал. Речиси четири окрузи се целосно отсечени од остатокот од земјата, а сите мостови се однесени. Поради големата брзина на водата, ова беше ненадеен поплавен бран, па луѓето не успеаја да се заштитат. Има голем број жртви, а точната ситуација допрва ќе се утврдува, сведочи жителка. 

Во Непал досега се извлечени телата на над 160 жртви, додека во Тибет се потврдени три смртни случаи. Повеќе од 300 повредени лица се пренесени во импровизирани болници, а многумина се во критична состојба. Меѓу повеќе од 1.500 исчезнати има над 260 странски државјани во Тибет и стотици туристи во Непал кои престојувале за планинарење или аџилак кон планината Кајлаш.

Срушени се над 40 километри патишта, 19 мостови и неколку хидроцентрали. Погодените насел целосно се отсечени, без струја и телефонски врски. Кинеските и непалските власти активираа највисоко ниво на вонредна состојба. Армијата и спасувачките тимови со хеликоптери, кучиња трагачи и тешка механизација се обидуваат да стигнат до заробените луѓе. Повеќе од 300 повредени веќе се евакуирани по воздушен пат, но спасувачките активности ги отежнуваат тешката кал и ризикот од нови одрони. 

„Досега примивме 31 пациент. Проблемот во оваа ситуација е тоа што патната поврзаност е прекината, па сите пациенти ни пристигнуваат преку спасувачки хеликоптери. Доколку имаше патен сообраќај, ќе очекувавме сè повеќе и повеќе пациенти. Но, да видиме што може уште да се направи. Владата ги вложи сите напори и побара од сите приватни хеликоптерски компании да се вклучат во акцијата, и тие бркаат прекрасна работа.“

Метеоролозите најавуваат континуирани и обилни врнежи од дожд кои ќе траат сè до недела, што дополнително ја отежнува потрагата и крева тревога за нови, секундарни свлечишта во пониските предели.