Македонија
13. May 2025 - 12:39

Над 2000 медицински сестри лани ја напуштиле државата

Недостигот од медицински сестри во здравствените установи претставува голем проблем, како за болниците, така и за пациентите. Дефицитот од медицински персонал е вистински предизвик за вработените, зашто се принудени да работа со прекувремено работно време.

- Работниот ден на сестрата започнува од наутро па до следното утро. Работиме 24 часа во смени. Бидејќи сме малку на број, и во огромен недостаток се случува некои од нас да работат и по 12 и по 24 часа. Во моментот нашата професија е во голем дефицит, значи ни недостасува персонал, што ја отежнува и самата посветенот кој пациентите, меѓутоа колешките даваат се од себе да функционираме како тим заедно со лекарите, изјави Билјана Рогожарска, дипломирана медицинска сестра, КБ- Штип

Средното медицинско училиште и Високата медицинска школа секоја година продуцираат нов кадар од медицински сестри, меѓутоа малкумина од нив одбираат својата професионална кариера да ја продолжат во македонското здравство. 

- Мој личен став е дека младите многу бргу се откажуваат од состојбата овде и заминуваат надвор. Цел треба да ни биде да си ги задржиме децата овде, да им понудиме услови за работа, да им овозможиме да дадат допринос во нашта земја, не надвор од неа. Тоа не е до нас, тоа е до Министерството за здравство и до државата, односно, до оние кои ја водат државата, додаде Рогожарска

Само во текот на минатата година над 2000 медицински сестри ја напуштиле државата и заминале на работа во некоја од западно европските земји. Ова е повеќе од алармантна бројка, поради што Министерството за здравство ќе мора сериозно и час поскоро да преземе мерки за надминување на актуелната состојба, зашто населението старее и ќе се зголемува потребата од медицинска нега.