Над 20.000 граѓани се очекува да ги искористат бенефитите на новиот Закон за работно ангажирање
Бенефитите на новиот Закон за работно ангажирање се промовираа пред прилепските угостители, земјоделци и оние кои работат услужни дејности во домаќинствата кои сега ќе може сезонски да ангажираат лица под 18 години, студенти, веќе вработени лица, пензионери, како и корисници на разна помош од државата без истите да го изгубат својот статус. А истото пак ќе може да го прават електронски, без бирократски процедури.
„Пријавата на работниците може да се случи многу лесно, од вашиот дом, од вашата нива, од вашето кафуле, може да ги пријавите работниците на час или на денови. Се плаќа само одредена сума на паушал која што е пресметана за да може овозможи минимална заштита и социјално осигурување, како и повреда на работа на работно место. Но во исто време обезбедува заштита на работникот и ја легализира, ја формализира работата која што досега беше неформална“, изјави Марија Ристеска, извршна директорка на Центарот за извршување и креирање на политики.
Со овој закон се планира да бидат опфатени над 20.000 лица кои сега не треба да се плашат дали ќе ги изгубат своите, стипендии, социјална помош или пензија ако имаат дополнителен ангажман. Целта е пред се намалување на сивата економија во државата.
„Законот е многу лесно достапен за имплементација на сите работодавачи, но и на сите оние кои досега работеле на црно, а не биле ангажирани според законските прописи. Главна цел е сузбивање на сивата економија. Очекуваме да преку вакви информативни состаноци што повеќе луѓе, посебно млади луѓе, студенти, но и пензионери, невработени, социјални случаи, сите оние кои се работоспособни да ги користат бенефитите на овој закон затоа што законот е направен за нив“, додаде Марјан Ристески, заменик министер за економија.
Законот беше донесен со акламација на сите политички партии во Парламентот, а беше изработен со помош германската Влада.
-
Дарко Штаргоски
Сите содржини од овој новинар
