Најголемиот камен од Марс продаден на наддавање за над 3,7 милиони евра
Метеорит, за којшто се верува дека е најголемото „парче“ од Марс паднато на Земјата, е продаден на аукција за 4,3 милиони долари (3,71 милиони евра), вклучувајќи ги даноците и другите трошоци.
Метеоритот, познат како „НВА 16788“ (NWA 16788), беше продаден во аукциската куќа „Сотби'с“ вчера. Тежи 24,5 килограми, што го прави масивен во споредба со повеќето марсовски метеорити, коишто обично се само мали откршоци. Метеоритот е откриен во ноември 2023 година во областа Агадез во Нигер. Тој е околу 70 отсто поголем од вториот најголем камен со потекло од Марс, а пронајден на Земјата. Исто така, е и многу редок. Само околу 400 марсовски метеорити се пронајдени на нашата планета, а овој е и најскапиот што некогаш е понуден на наддавање. Се издвојува по својата огромна големина и црвена боја, oбјави „Зи-ен-би-си“ (ZNBC).
Анализата на метеоритот откри дека од Марс бил исфрлен во Вселената по удар на астероид што ги претворило деловите од метеоритот во стакло. Површината на метеоритот покажува стаклена кора што се формирала додека се движел кон Земјата. Сепак, има и загрижени околу продажбата на метеоритот, кои велат дека би требало каменот да биде подарен на науката.
- Би било штета ако овој пронајдок заврши во трезорот на некој олигарх, бидејќи припаѓа во музеј, каде што може да се изучува, каде што децата и семејствата можат да уживаат во него, нагласи професорот Стив Брусате од шкотскиот Универзитет на Единбург.
Метеоритите се остатоци од комета, астероид или метеороид што „го преживеале“ својот премин и согорувањето низ атмосферата на Земјата. Во 2023 година, карпа тешка 41 килограм падна од небото и во Касемпа, Замбија.
МИА
Ново на Сител
-
Почна судењето за Беланоца
-
Мицкоски: Кога СДСМ е на власт ги злоупотребува тајните служби за да не следи
-
До Здравство доставени 8 досиеја на кардиолошки пациенти за кои постои сомнеж дека непотребно биле оперирани
-
МВР набавува 120 возила
-
Почна судењето за Беланоца
-
Македонија на 3-то место по раст во БДП според Евростат - Во 2 квартал економијата пораснала 3,4%
-
A1 со нови услуги за клиентите го прославува 6 роденден
-
Партиите со меѓусебни обвинувања за депонијата во Вардариште