Народна банка: Каматната стапка е непроменета – зголемени ризици за монетарно затегнување

Основната каматна стапка се задржува на нивото од 4 проценти, одлучи денеска Извршниот одбор на Народната банка на редовна седница.
Според Народната банка, податоците за првиот квартал од годинава упатуваат на понатамошен, но поумерен раст на економската активност, а просечната годишна стапка на инфлација забави на 3,7 проценти, малку повисока од проекцијата. Девизните резерви остануваат во сигурната зона, а продолжува јакнењето на депозитната база на банките и солидниот раст на кредитната активност, со динамика над очекувањата за првиот квартал од годината.
Народната банка по седницата на Извршниот избор соопшти дека одлуката за монетарната политика е донесена во услови на исклучително зголемена глобална непредвидливост и потреба од дополнителни информации за поцелосно согледување на ефектите врз домашната економија.
Во прилог на ваквата поставеност, појаснуваат, се и досегашните измени кај останатите инструменти – задолжителната резерва и макропрудентните мерки кои се насочени кон одржување на стабилноста на девизниот курс и инфлацијата и ублажување на кредитните услови. На последниот состанок за монетарната политика ЕЦБ, исто така, ги задржа каматните стапки непроменети.
Централната банка укажува дека одолжувањето на конфликтот на Блискиот Исток доведе до нарушување на снабдувањето со нафта во светот и натамошно одржување на цените на нафтата на светските пазари на високо ниво.
- Во следниот период, како и досега, внимателно ќе се следат глобалните случувања, нивниот одраз врз домашната економија, а особено врз девизниот пазар и нивото на цените. Доколку инфлацијата се задржи на повисоко ниво и делува на инфлациските очекувања, а побарувачката на девизниот пазар продолжи да расте и во следниов период, Народната банка ќе реагира со зголемување на каматната стапка, соопшти прес-службата на НБ.
Во однос на тековните движења во економијата, во првиот квартал од 2026 година, просечната годишна стапка на инфлација забави на 3,7 проценти (од 4,2 проценти во претходниот квартал), главно, според НБ, како резултат на послабите притисоци од базичната компонента којашто се сведе на 3,3 проценти.
- Остварувањата кај инфлацијата се малку повисоки од проекцијата, што заедно со повисоките увозни цени споредено со досегашните оцени, создаваат изразени нагорни ризици за досегашната проектирана динамика на инфлацијата. Имено, и покрај тековните оцени за кусо и ограничено времетраење на конфликтот, најновите проекции за берзанските цени на примарните производи на енергенсите и храната за следниот период се променети поизразено во нагорна насока. Ова, заедно со зголемената неизвесност и променливоста на пазарите поврзани главно со интензитетот и времетраењето на војната на Блискиот Исток, како и со силината на индиректните и секундарните ефекти, упатува на зголемени ризици и потреба од внимателност, велат од централната банка.
На крајот на март 2026 година, нивото на девизните резерви изнесува 5.249,4 милиони евра и е повисоко во однос на крајот на 2025 година, што, стои во соопштението, го одразува задолжувањето на државата на меѓународниот пазар.
- Од почетокот на годината, Народната банка активно е присутна на девизниот пазар, со цел задоволување на зголемените потреби од девизна ликвидност на економските субјекти. Во следниот период, влошените изгледи за глобалната економија и нашите клучни трговски партнери, како и растот на цените на енергенсите, создаваат поголеми ризици за надворешната позиција на економијата. Сепак, според сите досегашни оцени, девизните резерви остануваат во сигурната зона, поддржани од приватните финансиски текови и задолжувањето на државата на меѓународниот пазар, посочува НБ.
Во четвртиот квартал од 2025 година домашната економија ја задржа динамиката на реален годишен раст од 3,8 проценти и покрај неизвесното и променливо надворешно окружување. -Расположливите високофреквентни податоци за првиот квартал од 2026 година, велат од централната банка, упатуваат на понатамошен, но поумерен раст на економската активност. Во однос на ризиците за растот во следниот период, тие се претежно надолни и се поврзани пред сѐ со случувањата во надворешното окружување. Во однос на домашното окружување, обемот и динамиката на остварување на домашните инфраструктурни проекти претставуваат едни од главните фактори за темпото на идниот економски раст.
Според Народната банка, во монетарниот сектор продолжуваат солидните движења. Податоците за депозитите и кредитите во март 2026 година упатуваат на натамошно јакнење на депозитната база на банките и солиден раст на кредитната активност, со динамика која е над очекувањата за првиот квартал од годината.
- Општо земено, Народната банка продолжува со внимателен пристап во водењето на монетарната политика, во согласност со најновите макроекономски движења и тековните проценки на ризиците. Надворешните ризици остануваат изразени, имајќи ја предвид неизвесноста околу понатамошниот развој на ситуацијата на Блискиот Исток. Истовремено, се следат и домашните фактори коишто влијаат врз доходот и побарувачката. Народната банка внимателно ги следи сите случувања и редовно ги оценува ризиците од можните ефекти врз домашната економија, останувајќи подготвена да ги искористи сите расположливи инструменти и да презема соодветни мерки за одржување на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото и за обезбедување на ценовната стабилност на среден рок, информира Народната банка.
МИА
Ново на Сител
-

Актерството ме научи дека можам да успеам во секоја улога | Марија Јанчевска | Sitel Podcast 145
-

Ѓорѓиевски: Мостот „Генерал Михајло Апостолски“ конечно се става во функција
-

Боко Харам уби 23 војници во Чад
-

Трамп: Иран нема никакви шанси
-

Иран ги обвини САД за убиство на пет цивили во два трговски брода во Ормуската Теснина
-

Сиљановска-Давкова: Да го чуваме македонскиот јазик, да го браниме од негирања, оти без него не сме тие кои сме, ниту ќе останеме свои
-

Во Собранието завршија интервјуата на петте кандидати за член на ДКСК
-

23-годишник од тетовско се сретнал со шест лица за да расчистат недоразбирање, наместо тоа, почнал да пука кон нив
