Научниците предупредуваат: Северниот Пол се загрева со рекордна брзина

Температурата на Северниот Пол во неделата, 2 февруари, се искачи за повеќе од 20 степени Целзиусови над просекот за овој период од годината, достигнувајќи -1 степен, што е праг за топење на мразот, соопшти Службата за климатски промени на ЕУ „Коперникус”.
Според научниците, овој необично топол бран е поврзан со систем на низок воздушен притисок над Исланд, кој насочува силен топол воздушен тек кон Арктикот, објави британскиот весник „Гардијан”.
Температурата северно од архипелагот Свалбард во Норвешка во саботата била за 18 степени повисока од просекот за периодот 1991-2020 година, со измерена вредност близу нулата. До неделата, температурната аномалија надминала 20 степени.
– Ова е екстремен случај на зимско затоплување. Не е најекстремниот забележан досега, но е на горната граница на тоа што може да се случи на Арктикот, изјави Мика Рантанен, научник од Финскиот метеоролошки институт.
Тој додаде дека проценките за температурните вредности се прават преку сателити, бродови, авиони и метеоролошки станици, но дека во оддалечените региони како што е централниот Арктик, со малку директни мерни точки, е „тешко да се одреди точната температурна аномалија“.
– Сите модели покажуваат аномалија од над 20 степени, а некои дури од 30 степени Целзиусови, рече Рантанен.
Научникот Жулиен Николас од „Коперникус“ истакна дека невообичаено топлите температури се резултат на топлите атлантски струи, кои дополнително ја интензивираат промената.
– Овој тип на настани е редок, но не можеме да процениме колку стануваат почести без подетални анализи. Сличен случај беше забележан во февруари 2018 година, додаде Николас.
Германскиот климатолог Дирк Ноч од Универзитетот во Хамбург предупреди дека растот на температурите над нулата е особено загрижувачки, бидејќи предизвикува топење на мразот.
– Очекуваме Арктичкиот Океан да го загуби својот лед во текот на летото во следните две децении. Ова ќе биде првиот природен пејзаж што исчезнува како директна последица на човековите активности, што уште еднаш покажува колку ние, луѓето, станавме моќни во обликувањето на лицето на нашата планета, заклучи Ноч.
Ново на Сител
-

Поради маглата на скопскиот аеродром откажани 20 лета, два пренасочени, слетале 13 авиони, исто толку полетале
-

Повреден возач по судир на две товарни возила на автопатот Скопје-Тетово
-

Руте: Путин е главната пречка за мирот во Украина
-

Без вода утре ул. „Драгиша Мишовиќ“ во Карпош
-

Почна зимата
-

Поради намалена видливост откажани се 20 летови на скопскиот аеродром, слетале само авионите од Дортмунд и од Виена
-

Песков: Не е планиран телефонски разговор меѓу Путин и Трамп, ќе го организираме по потреба
-

Двајца македонски државјани загинаа во тешка сообраќајка на патот Белград – Ниш
