Недостиг од кадар, пари и доверба - предизвици за обвинителот Савески
Ниска доверба во институцијата, недостиг од кадар и пари – ова се предизвиците пред кои е исправен новиот државен јавен обвинител, оценува поранешната антикорупционерка Слаѓана Тасева.
Според неа, приоритет на обвинителот, Ненад Савески, треба да биде воспоставување на функционално обвинителство, бидејќи внатрешната организација и обезбедувањето интегритет имаат суштинско значење.
Тоа, како што вели, е предуслов за враќање на довербата кај граѓаните која во моментов е многу ниска. Тасева, истакнува дека клучно е да се испита и постапувањето на одредени предмети, за кои и самиот Савески кажал дека ги има во обвинителските фиоки.
„Некогаш тоа е заради ресурсите, некогаш заради меѓународната соработка, но некогаш како што и тој самиот кажа, работи системот на фиоки. Односно, одлагање на предметите во фиоки за подолго време, чекање да застарат и неправилна распределба на предметите кај обвинителите кај кои што може да се влијае. Мислам дека за да се врати довербата и да се подобри ефикасноста, треба сите тие предмети да се извадат на виделина, да се види зошто стојат. Верувам, тоа ќе биде причина и да се бара одговорност и кај некои обвинители“, изјави Слаѓаната Тасева.
Шестгодишниот обвинителски мандат, Савески го почнува во време тече постпаката за донесување на нов закон за Јавното обвинителство, кое според Тасева е лошо совпаѓање. Законот, вели таа, воопшто не одговара на потребите на современо обвинителство и тој нема да му помогне во работењето на јавниот обвинител.
„Нема тука одредби за современо јавно обвинителство како што се интероперабилноста или електронското следење на предметите преку институциите за може така да се следи евентуален застој. И електронско прибавување на докази за постапите затоа што сега се уште се прави со хартија и во пишана форма. Поедноставена меѓународна соработка која се уште ја држиме преку Министерството за правда, не се обезбедува директна соработка на јавните обвинители со нивните колеги во други држави“, вели Тасева.
Функцијата републички обвинител, Савески ја презема во четвртокот. По свечената заклетва во Собранието, изјави дека сите предмети ќе се третираат подеднакво, без приоритети и селекција. Вети подобрување на условите за работа, бидејќи како што истакна, сиромшана институција не може да се бори против богати криминалци.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
