Нема договор за датум за избори - нова лидерска средба следната недела
Здравјето на граѓаните е пред се и дека тоа е критериум за одредување и нов датум за одржување на избори. Лидерите на шесте најголеми политички партии не постигнаа договор за тоа кога би можело најрано да се одржат одложените избори од 12 мај поради пандемијата со Ковид-19, но се усогласија дека здравствената состојба е клучна за одлуката. Ќе се чекаат мислења од Комисијата за заразни болести, потоа ДИК, но и набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР. Нова лидерска средба кај шефот на државата Пендаровски е најавена за почетокот на наредната недела.
Лидерот на СДСМ останува на ставот дека 14 јуни е добар датум за избори, но и дека сепак, одлуката за тоа треба да се носи консензуално со опозцијата и дека здравјето на граѓаните е на прво место.
Според Заев, сите се согласиле дека избори треба да има 22 дена по укинување на вонредната состојбата согласно Уредбата за избори. Најраниот датум е 7 јуни, а најдалечниот, според лидерот на СДСМ – 7 јули.
И Опозцискиот лидер Мицкоски остана на претходниот став – дека здравјето на граѓаните е најважно пред датумот за избори.
„Предложивме план во неколку чекори и тоа најпрвин ако се водиме од ставот дека здравјето на граѓаните ни е најважно тогаш треба да се консултираме со Комисијата за заразни болести и никој од нас не треба да го проблематизира нивното мислење во насока на тоа кога ќе одлучуваат дали и какви мерки треба да се спроведат. Потребно е да имаме фер и кредибилен изборен процес и мерките коишто ќе бидат во текот на тој фер и кредибилен изборен процес навистина да гарантираат фер и кредибилен изборен процес“, вели Мицкоски.
Втората работа е консултации со ДИК за времето неопходно да се спроведе овој фер и кредибилен процес под услов првиот чекор да биде исполнет. Понатаму да се оствари комуникација и контакт со ОБСЕ и ОДИХР во делот на организирање на набљудувачка мисија. И како четврта точка откако ќе ги имаме овие константи тогаш ќе можеме да зборуваме за прва возможна дата кога ќе се случат изборите.
И за лидерот на ДУИ, Али Ахмети последиот збор ќе го имаат епидемиолозите.
„Во воена состојба сме со невидлив непријател, во воена состојба збор имаат генералите, а во овој случај генералите се лекарите и епидемиолозите кои прават анализи и даваат препораки и за кои апелирам сите граѓани да ги почитуваат без разлика на нивната етничка припадност за да ја добиеме оваа глобална војна“, вели Ахмети.
На лидерската средба не стана збор дали и колку би се продолжила тековната вонредна состојба. Тоа би било разговарано на следната лидерска средба откако шефот на државата Пендаровски ќе ги добие извештаите од здравствените власти, од ДИК и од ОБСЕ.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
