Македонија
26. March 2026 - 16:56

Неопходни се нови мерки за справување со кризата, велат експертите

Заканата од растечка инфлација ќе ја зголеми потребата од нови мерки кои ќе треба да ги преземе Владата. Намалувањето на ДДВ кај горивата не е доволно, бидејќи кризата на Блискиот Исток ќе потрае, сметаат експертите. Ризикот за  раст на цените во светските економии е три пати поголем од кризата во 2022-та, но, за да се спречи неоправдан скок -  инспекциите да излезат на терен и да проверуваат, колку поскапувањето е реално.

- Се очекува пораст на цената на храната, бидејќи третина од ѓубривата кои се користат за производство на храна, се увезуваа низ Ормусткиот тесец, но и многу фирми се однесуваат монополистички, под изговор дека им расте цената. Да, ќе порасне, но во кој обем, и дали е оправдано, треба до го провери Антимонополска и Пазарната инспекција, изјави Таки Фики, академик

Потребни се таргетирани мерки, кои ќе им помогнат на најранливите граѓани, за да не западнат во уште поголема сиромаштија. Владата јасно да каже кои мерки кога ќе ги презмат, за да се спречат очекувани поскапувања.

- Ако не се прошири мерката, голем дел граѓани ќе осиромашат, а најранливите уште повеќе ќе паднат под прагот на сиромаштија. Затоа Владата јасно да каже кои мерки кога ќе ги преземе, да ги каже во јавноста сите мерки. Идејата не се секирајте - имаме план, создава хаос, не го решава. По автоматизам сите ќе ги покачат цените, вели Ванчо Узунов, универзитетски професор.

Кога буџетот е ограничен, секоја мерка ќе значи или ново задолжување или зголемување на други давачки. Во услови на зголемена неизвесност – треба да се избере најоптималното сценарио.

- Каква мерка и да преземете, некој мора да го плати трошокот, или државата преку даноците на сите граѓани или бизнисот, преку зголемување на нивните цени или трошоци или граѓаните со намалување на нивниот стандард. Најдобро сценарио е секој да учествува во својот дел, секој да понесе дел од ризикот во кој се наоѓаме зашто и државата со мерките што ги презема, ако се силно фискално издашни, тие средства ќе мора да ги надомести - да зголеми даноци, акцизи или други давачки и такси или треба да се задолжи, па да враќаме во следните 20 години. Затоа треба најефикасно да се употребат овие пари. Ни треба ефикасна Влада и држава, ни треба ефикасен и паметен пазар кој би се однесувал на овој начин, вели Борче  Треновски, универзитетски професор.

Состојбата будно ја следи и Народната банка. Бидејќи се работи за увезена инфлација, одлучи да ја задржи монетарната политика на исто ниво. Но, ако биде потребно, ќе следи затегање, изјави вчера гувернерот Славески за Сител.

Засега и ФЕД и Европската Централна банка се одлучија да нема промени во каматните стапки. Сепак, ако кризата потрае, неминовно ќе биде поскапување на кредитите.