Николоски од Виена: ЕУ да изнајде решенија за проблемот со превозниците и со извозот на зелената енергија од регионот

Вицепремиерт Александар Николоски од 23. Виенски економски форум упати апел до ЕУ да изнајде решение за проблемот со превозниците и со извозот на електрична енергија произведена од обновливи извори за Западен Балкан.
- Има две многу важни прашања за регионот кои, за жал, многу малку беа споменати, а се огромен проблем за целиот регион и се директно поврзани со Европската Унија, а за жал ЕУ не презема ништо за нив. Првото е проблемот со возачите на камиони. Веќе речиси една година целиот регион зборува за тоа. Можеме да имаме убави говори овде, но ако стоката не може да се транспортира до крајниот корисник, не можеме да зборуваме за ништо. Во овој момент го имаме тој голем, огромен проблем. Една година зборуваме, не знам како е можно да се водат само бирократски дискусии, а да нема политичка одлука за тоа. Одговорите што ги добиваме веќе една година се дека „тоа било исто и порано“. Не е исто! Бидејќи со новиот електронски систем секој ден се брои, возачите на камиони се третираат исто како туристи, не можат да поминат повеќе од 90 дена во период од 180 дена во ЕУ, и бизнисот колабира, вели Николоски актуелизирајќи го прашањето на Виенскиот економски форум каде учествува втора година по ред.
Во изјава за МИА тој потсетува дека прашањето со превозниците, се уште е отворено, затоа што, вели, со неколку држави веќе имаме билатерални договори, но тоа не се сите држави на Шенген зоната.
- Бараме решение кое секако треба да го понуди Шенген зоната и ЕУ како овој проблем да се надмине, потенцира вицепремиерот Николоски.
Во делот на зелената транзиција тој апелираше побрзо да се реши прашањето околу извозот на македонската зелена енергија на европскиот пазар.
Имено, со примената на Механизам за прекугранично прилагодување на цените на јаглеродот (Carbon Border Adjustment Mechanism - CBAM), се воведоа дополнителни финансиски трошоци за целата електрична енергија од регионот, без оглед на изворот на производство, што доведува до економски загуби за инвеститорите. Според него, само во Македонија, засегнати се над 500 милиони евра кредити во локалните банки од компании кои инвестирале, а потоа не можат да го извезуваат својот производ, нивната електрична енергија.
- Дури и зелената енергија произведена во регионот не може да се извезува. Како тогаш да инвестираме во ветерници, во соларни панели, во хидроенергија, прашува Николоски според кого за зелената енергија би требало да има други мерки.
На Форумот учествуваа членови на бордот на Виенскиот економски форум, министри од земјите од Западен Балкан, претставници од ЕУ, како и високи претставници на меѓународни финансиски институции.
Виенскиот економски форум „Виенски дијалог за иднината 2026“ е официјално признат од Европската комисија во рамките на глобалниот настан на „Форумот за проширување на ЕУ 2026“. Форумот кој постои повеќе од 20 години е успеша европска економска платформа за промоција на развојот на регионалната економија од Јадранското до Црното Море и пошироко како составен дел од европската и глобалната економија и се залага за регионална економска соработка, европска интеграција и остварување на заедничките европски вредности во целиот регион.
МИА
Ново на Сител
-

Николоски од Виена: ЕУ да изнајде решенија за проблемот со превозниците и со извозот на зелената енергија од регионот
-

Со сведочење на ќерката на првообвинетиот Дејан Јованов продолжува судењето за пожарот во „Пулс“
-

Триесет и пет години од првиот Устав на независна Македонија
-

Сончево и топло до 20 степени
-

Пораз на македонската репрезентација од Словенија со 0:3
-

Koшта: Проширувањето на ЕУ служи за зајакнување на Европа, како отпорна економска сила и сила за мир
-

Измамници ја користат видео играта GTA VI за да крадат пари и податоци од гејмерите
-

Побаран притвор за охриѓанецот кој ја претепа својата девојка - се товари за три кривични дела
