Македонија
7. December 2018 - 13:14

“Црни Тоги” – победнички говор на XXII-рата Ораторска вечер

Апсолвентот на правни студии Нинослав Нанков, кој учествуваше со говорот на тема “Црни Тоги” - текст со критична содржина за актуелните состојби во македонското правосудство е победничкиот говор на XXII-рата Ораторска вечер ,,Иво Пухан” која се оддржа синоќа, на Правниот факулет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Второто место го освои Стефан Солев, студент на Економскиот факултет, со говорот на тема “Сонце на залез, Пиреј во мраз”, додека третото место го делеа студентките на Правниот факултет Моника Пеичева со говорот на тема “Жени лидери” и Етина Ливарека со говорот на тема “Жед за знаење, љубов и мир”. Наградата за најдобра интерпретација “Бранко Ѓорчев” ја освои Моника Пеичева.

Ораторската вечер е традиционална манифестација на Факултетот што се спроведува како натпревар по говорништво. Во финалето настапија 10 говорници, студенти на различни факултети на Универзитетот.

Десетте финалисти беа одбрани за учество во финале од страна на жири-комисија. Секој пријавен кандидат работеше со свој ментор, а како ментори учество земаа: Проф. Д-р Гордана Силјановска- Давковка, Проф. Д-р Владо Бучковски, Проф. Д-р Татјана Петрушевска, Проф. Д-р Александра Максимовска-Стојкова, Проф. Д-р Гоце Наумовски, Доц. Д-р Есин Кранли-Бајрам како и Асс. М-р Тимчо Муцунски.