Македонија
7. May 2020 - 14:36

Џафери ќе го чека договорот на лидерите пред да донесе одлука за распишување на изборите

Собранискиот спикер Талат Џафери ќе го чека договорот на политичките лидери на средбата кај шефот на државата Пендаровски за тоа кога би можеле да се одржат одложените избори од 12 април, за одново да ги распише. Ново свикување на Парламентот нема да има, потврди за Сител Џафери повикувајќи се дополнително и на вчерашната одлука на Уставниот суд.

Партиите засега се уште со различни ставови. Владејачката СДСМ инсистира на избори час поскоро.

Неофицијално се брифираат датуми за средината и крајот на јуни.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ пак на лидерската кај Пендаровски ќе настапи со свои барања и услови од кои ќе зависи времето на оддржување на изборите.

Иако се сигурни во победа на изборите кога и да се случат, Мицкоски вели дека, сепак државата не е подготвена за граѓанско изјаснување.

Од ДУИ пак, вчера излегоа со два услови за да прифатат избори: Првиот е Кризниот штаб и Канцеларијата на СЗО во Скопје да кажат дека има услови за избори, а вториот е да се вратат набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР.

„ОДИХР ги информираше властите дека сме подготвени да ја прераспределиме набљудувачката мисија штом изборниот процес почне одново, зависно од здравствената ситуација, можноста за патување и други рестрикции на лице место во тоа време“, одговараат од ОБСЕ/ОДИХР.

Кога и како би можело да се организираат избори ќе биде разгледувано и на состаноците на Комисијата за заразни болсти и Кризниот штаб, каде ќе се вклучи и Пендаровски.